Македонија
Мрежата за заштита од дискриминација: Собранието го скри огласот за народен правобранител од јавноста
Собранието го скри огласот за народен правобранител од јавноста и на крајно нетранспарентен и малициозен начин ја почна постапката за именување нов народен правобранител, обвини Мрежата за заштита од дискриминација.
Од таму велат дека на седница на 26 ноември Собранието изгласало одлука за распишување оглас за избор на народен правобранител и ја објавило одлуката само во „Службен весник“ и во три печатени медиуми.
„Имајќи го предвид повеќегодишниот тренд на напуштање на печатените медиуми и сѐ поголемото читање и информирање од електронските медиуми, може да се заклучи дека ваквото објавување на огласот е тенденциозно со цел што помала информираност на јавноста, а со тоа и на потенцијалните заинтересирани кандидати за пријавување на огласот. Ниту еден поголем електронски медиум, вклучително споментатите печатени медиуми на своите веб-страници, немаа објевено никаква информација за огласот за избор на народен правобранител“, се наведува во соопштението.
Според Мрежата за заштита од дискриминација, ова е особено симптоматично бидејќи повеќе поголеми медиуми континуирано известувале за потребата за распишување оглас за избор на нов народен правобранител и, како што наведуваат, покажува дека Собранието не ги известило ниту медиумите за оваа одлука.
„За ова воедно говори и фактот што ниту една релевантна домашна или меѓународна организација воопшто не беше запознаена со распишувањето на огласот за избор на нов народен правобранител, ниту со рокот во кој заинтересираните кандидати можеа да се пријават на огласот“, се наведува во соопштението.
Дополнително, велат од Мрежата за заштита од дискриминација, малициозен е и начинот на објавување на одуката за распишување на огласот на веб-страницата на Собранието.
„Сите јавни огласи на Собранието се објавени на веб-страницата на Собранието во категоријата ‘Огласи’. До моментот на изготвување на оваа реакција огласот за избор на нов народен правобранител не може да се најде во оваа категорија, а одлуката за него може да се најде само во дневниот ред за 22. седница, објавен во делот ‘Пленарни седници’. Оттука, јасно е дека целта на Собранието е да го затскрие огласот од очите на јавноста и се остави поголем простор за партиско пазарење во изборот на народен правобранител помеѓу парламентарните партии“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од таму велат дека ги осудуваат и пратениците/чките што гласале по предлог-одлуката за објавување оглас за избор на нов народен правобранител, а за тоа не ја известиле јавноста, особено бидејќи го знаеле начинот на објавување на јавниот оглас.
Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да го поништи овој оглас и јавно и транспарентно да објави нов оглас за избор на народен правобранител. Од таму сметаат дека огласот намерно не се дистрибуирал во јавноста бидејќи кандидатот за народен правобранител бил веќе договорен помеѓу партиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се заканувал со напад со „калашников“, иснпириран бил од настан од САД: дваесетгодишник од Мала Речица под истрага за тероризам
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам.
Осомничениот на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум Iphone мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена, соопшти обвинителството.
Македонија
Првиот том на етимолошкиот речник – капитално дело за македонскиот јазик реализирано со буџетска поддршка, ќе растат средствата за наука, најави Јаневска
Првиот том на Македонскиот етимолошки речник е дело од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката. Целиот проект за прв ваков речник е доказ дека кога државата вложува во наука, а научните работници со посветеност истражуваат и создаваат нови вредности, тогаш имаме значајни и трајни резултати, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на Речникот којшто е еден од научно-истражувачките проекти што беа финансирани во 2025 од буџетски средства. Негов автор е професор д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука има полна поддршка од Владата да ги зголемува вложувањата во научни истражувања. Лани со 374 милиони денари беа финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети и факултети, на научните институти и на МАНУ, а во наредниот период ќе се вложуваат уште повеќе пари во науката и истражувањата.
Минатата година буџетот за наука беше речиси двојно поголем од 2024 и изнесуваше 680 милиони денари, а оваа година се обезбедени 773 милиони денари.
„Македонија мора да се сврти кон науката ако сакаме да направиме исчекор од досегашниот тек на работите во сите сфери. Премногу долго сме заробени во инерција, навики и модели што не носат напредок. Светот, па и регионот, одат напред со брзи чекори, а ние не смееме да си дозволиме само да ги гледаме“, укажа министерката Јаневска.
Финансирањето на издржани научни проекти веќе нема да биде проблем. Заедно со новите закони за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование ќе се создаде добра основа за развој на науката и истражувањата и важно е само научниците и професорите да сакаат да творат.
Македонија
„Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука“: Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата очекува Владата да постапува одговорно
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата со внимание го следи процесот за избор на нов државен јавен обвинител, нагласуваат од таму.
„Имајќи предвид дека Совет на јавни обвинители јавно соопшти дека дал позитивно мислење за четворица кандидати кои ги исполнуваат законските услови и дека предметот е доставен во понатамошна постапка до Владата на Република Северна Македонија, сметаме дека од овој момент одговорноста за зачувување на кредибилитетот на постапката е кај извршната власт“.
Укажуваат дека јавни изјави на Претседателот на Владата, со кои, као што велат, однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот.
Особено, како што појаснуваат, имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката.
Според нив, изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда.
„Оттука, очекуваме Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки, и да обезбеди транспарентност во носењето на конечната одлука.
Во контекст на тековните предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, изборот на државен јавен обвинител има суштинско значење за обезбедување професионалност, суштинска амбиција за реформи и подобрување, и институционална независност во работењето на обвинителството. Затоа, секоја јавна комуникација поврзана со оваа постапка треба да придонесува кон зајакнување, а не кон релативизирање на довербата во процесот кој е утврден со закон“.
Потсетуваат дека и во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се нотираат забелешки поврзани со потребата од јакнење на независноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство, како и од доследно почитување на процедурите во клучните именувања.
„Оттука, особено е важно постапката за избор на државен јавен обвинител да се спроведе на начин што ќе покаже институционална зрелост и јасна дистанца од какви било политички влијанија, во согласност со европските стандарди и преземените обврски“.
Платформата, подвлекуваат, нема да навлегува во оценка на поединечни кандидати, но јасно укажува дека одговорноста за интегритетот на овој процес е директно на Владата. Очекуваат одлуката да биде јавно, детално и аргументирано образложена врз основа на однапред утврдени и мерливи критериуми. „Секое отстапување од принципите на професионалност, еднаков третман и транспарентност ќе значи сериозно нарушување на довербата во постапката и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста на обвинителството“.

