Македонија
МТСП: Ќе се градат пет нови градинки
Министерството за труд и социјална политика денеска потпиша договори за грантови за изградба на нови градинки со пет општини во вкупен износ од 228.100.000 денари.
„Со потпишување на овие договори отвораме простор за 760 нови деца. Првпат по долго време во нашата држава ќе се градат вакви големи објекти бидејќи ја препознаваме клучната улога на предучилишното образование за раст и развој на децата. Инвестираме во нови градинки, но исто така вложуваме и во луѓето што ги обликуваат нашите идни генерации. Со зголемување на платите и јакнење на компетенциите на кадарот во градинките градиме вистински квалитетно предучилишно образование, кое ќе ги подготвки нашите деца за животот понатаму“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Со средствата од овие грантови, обезбедени со поддршка од Светската банка, ќе се изградат нови градинки во Крива Паланка со капацитет за 100 деца, во Ѓорче Петров со простор за 175 деца и во Струмица за 300 деца. Исто така, ќе се адаптира нов простор за градинка во Боговиње со капацитет за 105 деца. МТСП ќе обезбеди и дополнителни средства за опремување на новите објекти.
Буџетот на Министерството за оваа година за нови градинки и подобрување на квалитетот на предучилишното образование е зголемен 300 отсто. На првиот јавен повик се избрани 17 општини, чии проекти ги финансира МТСП, во средината на 2020 година ќе се објави нов јавен повик до општините.
Од Министерството велат дека со изградба на нови објекти предвидено е да се креираат дополнителни 7.500 места во установите за згрижување и воспитание деца и со тоа да се подигне опфатот на децата од 3 до 6 години на 50 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

