Македонија
Муртезани со унгарскиот министер за ЕУ-прашања, Бока: разговарано за клучните прашања поврзани со европската интеграција на Македонија

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска беше домаќин на својот унгарски колега, министерот за ЕУ-прашања на Унгарија, Јанош Бока, кој престојува во работна посета на земјава.
Во рамките на посетата министрите одржаа тет-а-тет средба по што следуваше и пленарна сесија на делегациите, на која се разговараше за клучните прашања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија и интензивирање на билатералната соработка во контекст на ЕУ.
Министрите ја реафирмираа заедничката определба за продлабочување на односите меѓу двете земји, особено во доменот на поддршка во пристапниот процес кон Европската Унија. Унгарија, како докажан поддржувач на европските аспирации на Северна Македонија, уште еднаш ја потврди својата подготвеност да го сподели своето искуство и експертиза во евроинтегративниот процес.
Муртезани и Бока потпишаа меморандум за соработка меѓу министерствата за европски прашања на Северна Македонија и Унгарија, кој поставува основа за долгорочна институционална соработка, размена на искуства, административна поддршка и координација во насока на усогласување со европското законодавство и ефективно користење на европските фондови.
На заедничката прес-конференција министерот Муртезани исткна: „Оваа возвратна посета не е само уште еден настан во динамичниот календар на нашите билатерални односи, таа носи во себе силна порака. Порака дека партнерствата се градат преку доследност, доверба и заедничка визија. Северна Македонија и Унгарија се поврзани со длабоки пријателски врски, а билатералната соработка добива уште позасилена динамика. Унгарија одамна ја има нашата благодарност за гласната поддршка за нашиот евроинтегративен пат“.
Во контекст на меморандумот за соработка Муртезани истакна: „На нашата веќе блиска соработка ѝ даваме институционална димензија и стабилна рамка. Овој документ не претставува само формализирана административна алатка туку е израз на нашата заемна посветеност за продлабочување на партнерството преку размена на знаење, искуства и заеднички напори кон исполнување на европските стандарди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДС и на Велики Петок шири тешки лаги и клевети, покачените плати ќе бидат исплатени во вторник, велат од ВМРО-ДПМНЕ

На Велики Петок, на најтешкиот ден во Христијанството, СДС продолжува со тешки лаги и клевети, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС е партија, каде Филипче ја чува фотељата на главниот шеик Заев, додека ги размножува милионите во Дубаи.
СДС да не прави политика од рецидивите на катастрофата која ја оставија“, порачуваат од партијата на власт.
Покачените плати, најавуваат, ќе бидат исплатени во вторник.
Македонија
Кога културното наследство ќе стане бизнис план, тоа веќе не е култура, туку пазар, велат од СДСМ

Министерот за култура, Зоран Љутков, сериозно предложи културното наследство да му се препушти на бизнис секторот. Вредностите што ја раскажуваат нашата историја, кои ја обликуваат нашата колективна меморија и идентитет, да се третираат како деловна зделка. Како имот за експлоатација. Како недвижност, не како духовна вредност, велат од СДСМ.
Според нив, ова не е незнаење. Тоа е опасна идеологија и не смее да помине тивко.
„Културното наследство не е хотел. Не е трговски центар. Не е парче земја за инвестиции. Тоа е ткивото од кое сме составени како народ, како заедница, како држава. Не се мери со профит, туку со значење.
Ако му го препуштиме на пазарот – ќе го изгубиме. Зградите ќе останат, ама ќе нема кој да ја раскаже приказната. Ќе имаме споменици без смисла, и туристички рути без душа.
Господине Љутков, културното наследство не се „оправува“ со ППП(Public-Private Partnership) или со приватен партнер. Се чува со љубов, со знаење, со стручност и со јасна визија“.
Културното наследство, како што додаваат од опозициската партија, не е само трага од минатото, тоа е жива врска што нè поврзува со корените, идентитетот и колективната свест.
„Да го зачуваш значи да ја зачуваш душата на еден народ, неговото право да се памети и да постои.
Ние имаме обврска културното наследство да го одржуваме негуваме и да им го предадеме на идните генерации. А ако не го разбирате тоа – време е да си заминете.
Македонија
Вработените во културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два дена од следната недела, најави министерството

Министерството за култура и туризам информира дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат своите плати со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно со Закон и Колективниот договор.
Причините за доцнењето, според соопштението е заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии.
Претходно денеска Синдикатот реагираше дека се оставени без плата за големиот христијански празник.