Македонија
Мухамед Зеќири поднесе оставка во Владата

Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири поднесе оставка од функцијата, по информацијата од Обвинителството дека е осомничен за злупотреби.
„Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Димитар Ковачевски.
Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен.
Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија.
Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност.
Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата“, напиша Зеќири.
Утрово јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Поради можноста осомничените, меѓу кои е и Зеќири можат да се дадат во бегство, побарана е мерка притвор, за која одлучува кривичниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес сончево и многу топло, викендов пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 28 до 34 степени, јави УХМР.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Доцна попладне во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. В недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ за „криминални парцели“: Лицето кое се спомнува никогаш не било во работен однос во партијата

И вака оркестрирано обвинителство од СДСМ не можеше да најде ништо спорно кај претседателот Мицкоски, лицето кое се спомнува никогаш не било во работен однос во партијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на владејачката партија дека во случајот „криминални парцели” вмешани се соработници на Мицкоски.
„Со новите кривични пријави на органите на прогон излезе на површина и виделина дека и вака оркестрираното обвинителство не можеше да најде ништо спорно кај лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наспроти невистините диригирани од центрите под контрола на СДС.
Да потсетиме, СДСМ е партија која е осуден за клевета и лажни вести.
СДСМ според пресудата на Основниот суд треба да му се извини на претседателот Мицкоски за тоа што шири лажни вести и невистини.
Доколку имаше и најмал сомнеж, партиските обвинители и инспектори кои работат исклучиво по нарачка на СДС ќе направеа голем скандал од случајот. Наспроти тоа се докажа дека со месеци наназад центрите на СДСМ ја лажеа јавноста за што не е прв пат, исто како што нема да биде прв пат потребата да се извинуваат поради тоа.
Посоченото лице во случајот никогаш немал работен однос во ВМРО ДПМНЕ, а другото претставува фабрикувана и злонамерна лага од СДСМ да се одвлече вниманието од инфлацијата, поскапените производи, сиромаштијата, неуспесите на владата.
За разлика од СДСМ јасно кажуваме дека секој кој се огрешил прес законот треба да одговара низ законита и транспарентна постапка“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Македонија
СДСМ: Случајот ,,Криминални парцели” со кривични пријави, вмешани соработници на Мицкоски

„Криминалиот случај со препродажба на парцели во Делчевско за кои јавноста беше информирана пред локалните избори добива епилог.
Поднесени се кривични пријави против седум лица, дел од нив функционери на ВМРО-ДПМНЕ и блиски соработници на Христијан Мицкоски.
Сите тие се сомничат дека со однапред договорена зделка противправно се стекнале со 1,5 милиони евра.
Аферата криминални плацеви води директно до Мицкоски и Белиот дворец.
Надлежните институции мора до крај да го расчистат овој криминал а одговорните да бидат соодветно санкционирани.
Денес пред законите сите се еднакви, секој кој сторил какво било криминално дело мора да одговара за своите постапки“.
Соопштение на СДСМ