Македонија
Муцунски на НАТО-самитот: Како кредибилна НАТО-членка остануваме посветени на зајакнувањето на колективната безбедност
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со владина делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, учествуваше на НАТО-самитот, што се одржа од 9 до 11 јули во Вашингтон.
Во фокусот на темите беа актуелните безбедносни предизвици, со посебен акцент на поддршката за Украина, зајакнувањето на одбраната и одвраќањето на алијансата, како и унапредување на соработката со партнерите од Индо-Пацификот.
Сојузниците го поздравија постигнувањето 2 % од БДП за инвестиции во одбраната од страна на 23 земји членки на алијансата, меѓу кои и Северна Македонија. Земјава оваа година го надмина споменатиот праг и се очекува тој да расте во периодот што следува. Со тоа докажуваме дека сме кредибилна НАТО-членка, што активно придонесува за зајакнување на колективната безбедност.
На самитот беше реафирмирана силната и непоколеблива поддршка за Украина оценувајќи ја руската агресија како брутално кршење на меѓународниот поредок базиран на правила. Воедно, беше донесена одлука за пакет за практична поддршка за Украина, како и заложба за долгорочна безбедносна помош на земјата. Северна Македонија останува цврста на ставот за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и обезбедување помош за украинскиот народ сѐ додека е потребно.
На состаноците беше нагласена потребата од зајакнување на соработката помеѓу НАТО и ЕУ во земјите од Западен Балкан, што претставува гаранција за регионалната и целокупната трансатлантска сигурност. Притоа беше истакнато дека продолжувањето на политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на Европската Унија се најдобрите алатки за постигнување траен мир и гарантирање на демократските процеси на нашите простори.
НАТО-самитот беше одлична можност и за разгледување на перспективите за продлабочување на соработката со земјите од Индо-Пацификот, што е важно во променетиот геополитички контекст. Зајакнувањето на врските со Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд ќе придонесе за зајакнување на алијансата и обезбедувањето силен и решителен одговор на растечките предизвици што произлегуваат од соработка меѓу авторитарните актери.
Во рамките на работната посета на Вашингтон, Муцунски оствари неколку работни средби, а по нејзиното завршување, тој патува за Њујорк, каде што следува средба со претставниците на македонската дијаспора и низа состаноци насочени кон зајакнување на билатералните односи и промовирањето на земјава како атрактивна дестинација за странски инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

