Македонија
Муцунски: Од почетокот на пандемијата речиси 40,000 граѓани ги имаат изгубено своите работни места
Во изминатиот шестмесечен период беше неопходно да бидат преземени повеќе конкретни мерки, активности и ефективни политики насочени кон зачувување на макроекономската и финансиска стабилност заради заштита на индустријата, земјоделското производство, туризмот и угостителството и редица други суштински дејности и во прилог на зачувување на што е можно поголем број работни места.
Од почетокот на пандемијата речиси 40.000 наши сограѓани ги имаат изгубено своите работни места – далеку повеќе од најлошо предвидените сценарија на старо-новата коалициона Влада на СДСМ и ДУИ, истакна Тимчо Муцунски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Како резултат на нестручниот, неаналитички, неефикасен и ненавремен пристап во решавањето на сериозните економски тешкотии и неадекватната владина помош најтешко погодените сектори и дејности доживеаа сериозни и непоправливи штети, кои во голем дел го доведоа во ризик и нивниот опстанок.
Во наведениот контекст би сакале да ја запознаеме јавноста со неколку поважни економски индикатори кои укажуваат на сознанието дека доколку во претстојниот период продолжи да отсуствува еден таргетиран, брз и ефикасен системски одговор тогаш нашата држава ќе се соочи со невидена економска криза.
1. Индустриското производство во јули 2020 година споредено со јули 2019 е паднато за 9.5%; Дополнително на тоа и бројот на вработени во индустријата е намален за 6.2%.
2. Продолжуваат исклучително слабите резултатот во сегментит на привлекувањето на странски директни инвестиции. Доказ за тоа е податокот дека во вториот квартал од 2020 година имаме нето одлив на странски директни инвестиции од 9.3 милиони евра. Посебно загрижува и податокот дека не се отвораат нови работни места, додека досегашните инвеститори го изнесуваат нивниот капитал и профит надвор од Македонија, да напоменам дека оваа Влада нема министер за привлекување странски инвестиции.
3. Од јануари до август оваа година буџетскиот дефицит е 570 милиони евра.
4. Како во претходниот период така и понатаму продолжува слабиот тренд на реализација на капитални инвестиции, а доказ за тоа се реализираните само 8 милиони евра во месец август оваа година.
5. Во период кога Македонија се наоѓа на црвена здравствена листа и затворени граници, продолжува падот на прилив во буџетот. Буџетскиот прилив во месец август е за 20% помал од претходниот месец јули. Од тоа произлегува и заклучокот дека нашите граѓани без оглед што се наоѓаат во земјата, вклучувајќи го и користењето на нивните годишни одмори во домашните туристички капацитети сепак трошат помалку од претходно.
6..Во време кога сите влади ја намалуваат или задржуваат цената на струјата на исто ниво и непосредно им помагаат на нивните граѓани кај нас таа се зголемува со што се нанесува сериозен удар врз нискиот стандард на граѓаните.
Во овие исклучително тешки времиња соочувањето на граѓаните и деловната заедница со кризата претставува сериозен тест за нашата издржливост, подготвеност и посветеност за заемна поддршка и барање на одржливи долгорочни решенија. Со оглед дека отсуствува јасна владина стратегија за излез од кризата во следниот период изразуваме јасна и целосна подготвеност за вршење интензивни и непосредни консултации со претставниците на деловната и академската заедница.
Истовремено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има намера да предложи поголем број конкретни креативни мерки и политики, со крајна цел да помогнеме во процесот на интензивирање на севкупниот процес на развој на македонската економија. Крајно време е да се започне со креирање реална економска политика и постигнување на позитивни резултати, што ќе бидат во интерес на нашите граѓани, нивната благосостојба и просперитетот на Македонија“, порача Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

