Македонија
Муцунски: Усвоени измените на Законот за надворешните работи – суштински чекор за професионализација на дипломатијата и подобрување на условите за македонските дипломати во странство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалните мрежи информираше дека вчера Собранието, на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ги усвои измените на Законот за надворешни работи, што претставува суштински чекор за професионализација на дипломатијата и подобрување на условите за македонските дипломати во странство.
Министерот Муцунски информираше дека по повеќе од една деценија се прават суштински измени, со кои се воспоставува јасна законска рамка за реализација на два клучни приоритета: професионализација на дипломатската служба и воспоставување на надлежностите на Министерството во областа на надворешната трговија и инвестициите.
„Измените предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка. Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство, доколку постои посебен интерес за државата“, напиша тој во објавата на Фејсбук.
Со измените се овозможува Министерството системски да ги преземе обврските поврзани со креирање политики за надворешна трговија и инвестиции – сегмент кој досега не беше институционално прецизиран со ниту еден друг закон.
„Ова претставува важен чекор кон професионализација на дипломатијата, подобрување на условите за работа на македонските дипломати во странство, како и соодветно позиционирање на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на надворешната трговија и инвестициите“, заклучи министерот Муцунски во објавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Студеничани и Гази Баба

Од ЕВН Македонија АД добиено е известување дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 23.05.2025 година ( петок ) без електрична енергија ќе останат дел од жителите на опшштините Студеничани и Гази Баба.
Од 09.00 до 12.30 часот без струја ќе бидат корисниците од дел од с. Батинци. (Општина Студеничани).
Од 11.00 до 14.00 часот корисниците од улица бр. 1 во нас. Трубарево. (Општина Гази Баба).
Македонија
Сончево време, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 24 до 31 степен.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Под влијание на влажен бран во деновите од викендот и во понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m2), проследени со појава на грмежи и засилен северен ветер (над 70 km/h).
Од вторник ќе има стабилизирање на времето и пораст на дневната температура.
Македонија
Каја Калас денеска во Скопје ќе се сретне со Мицкоски

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес доаѓа во Скопје.
Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, а со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе го отворат првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија, што следува по склучувањето на билатералниот договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.