Македонија
Надзорен одбор за воведување на европскиот телефонски број за итни повици во земјава
Владата на денешната 131. седница ја разгледа и усвои Информацијата од одржаниот состанок на Надзорниот одбор за супервизија на системот за итни повици Е-112 во Република Македонија, и ги задолжи Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за одбрана, Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања во рок од десет дена да номинираат свои претставници во Надзорниот одбор за супервизија и да ги достават до Центарот за управување со кризи.
Како дополнителен заклучок на седницата, Владата го задолжи Генералниот секретаријат редовно да ја информира Владата за напредокот во имплементацијата на системот за итни повици Е-112 кој произлегува како обврска од усогласувањата со праксата на Европската Унија за воспоставување комуникациско–информативен систем и единствен европски број за итни повици во сите земји на унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дали Дранго има забрана за користење оружје и истото му е одземено во предходна постапка, прашува Анима Мунди
„Веста дека од страна на Битолското обвинителство е отворен предмет за фотографијата на заменик директорот на Македонија пат, Сашо Дранго, сликан со застрелана мечка, животно со највисок степен на заштита во Македонија е добар чекор кон разрешница, доколку сакаме да се наречеме правна држава“, велат од Анима Мунди.
„Преку дадените изјави, Сашо Дранго ја инволвира и институцијата во која е функционер, како и луѓето кои работат таму, а кои нема да дозволиме да послужат како параван.
Имајќи предвид дека во билтенот на МВР не постои податок на сообраќајна несреќа со мечка за месец декември, како и дека во случај на таква постапка има строго дефинирана процедура согласно Законот за дивеч и ловство и Законот за заштита и благосостојба на животните – не смее да се постапува без МВР; како и дека мечката не е на пат туку во шума, и дека волку големо животно нема начин да се поместува за сликање, освен доколку е свежо убиено, невкочането (се уште топло), очекуваме брзо согледување на реалната состојба, брзо постапување и најстрога казна.
Бараме да се провери дали во месец декември постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции или пак ОЈО. Доколку има пријава, дали службеници од МВР и пратеници се труделе да го сокријат случајот?
Воедно бараме од министерот за внатрешни работи да провери и информира јавноста, дали Дранго кој на сликиве го гледаме во ловечка униформа, наоружан со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и истото му е одземено во предходна постапка, т.е. дали овој снајпер кој го гледаме сите е држен спротивно на закон?“, прашуваат од Анима Мунди.
Македонија
Со возилото кое излета во водите на Вардар управувала една од загинатите, извлечени телата на три лица, се трага по уште едно
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на лице место кај Рашче, каде автомобил со патници излета и падна во водите на Вардар.
И покрај исклучително тешките услови на непристапен терен, беа преземени сите дејствија за обезбедување траги и докази со цел да се утврдат причините за несреќата.
Заедно со автомобилот, од водите на Вардар беа извадени три починати женски лица, за кои е издадена наредба за обдукција. По уште едно лице се трага, додека во автомобилот патувало и дете кое е пронајдено повредено надвор од возилото, па е пренесено на Клиничкиот центар.
Според првичните сознанија, со возилото управувала една од починатите.
Ќе биде издадена наредба и за вештачење на автомобилот.
По насоки на јавен обвинител се разговара со очевидци на настанот, како и со блиски на семејството во возилото со цел да се испитаат сите околности.
Македонија
Македонците најголеми купувачи на „Тему“ од Балканот, дневно се испорачуваат и по 10.000 пратки
Затрупана со пратки е единствената приватна пошта кај нас, која врши достава на нарачките од азискиот гигант „Тему“. „Еко логистик сервис“ (ЕЛС) од 16 декември, кога е отворен пазарот за нашата држава, дневно испорачува до 10.000 пратки од „Тему“.
„На дневна основа испорачуваме од 8.000 до 10.000 пратки од ‘Тему’ до македонските граѓани. Изгубени пратки нема, има единствено недоставени, кои се чуваат 8 дена од приемот, во согласност со законскиот рок од Законот за поштенските услуги. Повеќето од недоставените пратки се со нецелосни адреси или контакт-телефони, кои граѓаните ги оставаат на платформата ‘Тему’ при креирањето на нарачката, што го отежнува процесот на работа“, велат од ЕЛС за „Макфакс“.
Како што велат од таму, Македонците, по Србите, се најголеми купувачи на оваа платформа од целиот Балкан. По Македонија, следува Албанија, а ЕЛС е посредник и за албанскиот пазар со свои партнери. Соработката со другите држави посочуваат дека веќе е во тек.
„Кинеските платформи имаат исклучително строги правила, бараат ажурност и добар систем за работа. Проектот не можеше да се отвори за Македонија додека тие не беа сигурни во безбедноста на системот. ЕЛС е единствениот што го адаптира системот на работа во согласност со бараните стандарди и обезбеди соодветни ресурси за испорака“, посочуваат од компанијата.
Од ЕЛС апелираат граѓаните да бидат трпеливи да им пристигне СМС-порака или електронска пошта дека пратката е пристигната во државата. Потоа тие треба да добијат друга СМС-порака/електронска пошта дека во следниот период може да го очекуваат она што го нарачале. Непосредно пред да им биде доставена пратката, примателот, велат тие, ќе добие повик од доставувачот.
„Во моментот кога се предава пратката, лицето што извршило нарачка ќе добие безбедносен код на својот телефон, кој треба да му го издиктира на доставувачот. Овој код го има само примателот и е воведен за да се избегнат какви било манипулации. Со ова процесот на испорака успешно се заокружува. Воедно, се замолуваат сите што очекуваат пратка од ‘Тему’ да не одат во хабовите, туку да почекаат да им стигне СМС-порака или електронска пошта и да им се достави пратката на домашна адреса. Пратките може да се следат на www.els.mk“, додаваат од ЕЛС.
Организација на потрошувачите на Македонија предупреди за нарачките дека граѓаните треба да бидат многу внимателни при пазарењето оти нарачуваат на сопствен ризик.