Македонија
Надлежните се борат со 11 активни пожари: Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Штип

Според најновите информации, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор. Од нив, 11 се сѐ уште активни, 3 се под контрола, додека 11 се целосно изгаснати.
Активни пожари се регистрирани во неколку региони. Во источниот дел, пожарите зафатија подрачја кај селото Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што гори нискостеблеста шума и грмушки. Во Прилеп гори на две локации – кај селото Бешиште, со проширување кон Градешница и кон границата со Грција, како и кон селото Дрен. Во Македонски Брод активни се два пожари – кај селото Црешнево и меѓу селата Локвица и Крапа.
Штипскиот регион се соочува со пожар меѓу селата Драгоево и Селце, а во Карбинци гори кај селото Јунузлија. Во близина на Скопје, пожар е активен кај селото Гумалево во општина Зелениково. Во северниот дел на државата, активни пожари се бележат и кај селото Руѓинце во Старо Нагоричане, како и во Куманово – во населбата Ристово Трло и кај селото Романовце.
Три пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожарите кај селото Грешница во Македонски Брод, меѓу селата Церово и Групчин во општина Желино и на улицата Брсјачка Буна во Шуто Оризари, каде што гореше дива депонија.
Изгаснати се 11 пожари во различни делови на државата, меѓу кои во Шуто Оризари кај Општината, кај касарната во Прилеп, во селата Долно Перово и Прељубје во Ресен, како и во неколку населени места во Кочани, Куманово, Липково и Гостивар.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активности за справување со активните пожари и заштита на населението и природата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР во Охрид покажа вежба на спасување на вода и евакуација на патници од опожарен пловен објект

Со показна вежба на спасување на вода и евакуација на патници од опожарен пловен објект, како и со презентација на дел од опремата, возилата и другите материјално технички средства што ги користат полициските службеници при извршувањето на секојдневните задачи, попладнево во Охрид беше реализирана активноста на МВР насловена „До Вас, за Вас“.
Активноста е осмислена со цел приближување на полицијата до граѓаните, во рамки на концептот „Комјунити полисинг- Работа во заедницата“, подигнување на јавната свест за зголемена јавната безбедност во заедницата, спроведување едукативни и интерактивни активности со граѓаните поврзани со превенција и сузбивање на разните форми на криминал…
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој ги следеше активностите истакна дека со полициските службеници од повеќе оддели во рамки на МВР се презентираат активностите што ги преземаат, средствата што ги користи службата, начинот на спроведување на полициските активности и сите дејствија што се преземаат во рамки на редовното полициско работење.
– Еден од поводите за посетата на Охрид денеска е и заедничката соработка што ја имаме со српските полициски службеници во Охрид. Имаме четворица колеги од Србија кои во летниот период се заедно со нашите полицајци патролираат, си помагаат во рамки на сите дејствија што треба да бидат преземени, а се во делот на српските туристи. Ова е една убава прилика да поразговараме со нив за тоа како ги обавуваат нивните службени задачи тука, рече Тошковски.
Тој уште додаде дека македонската полиција е тука за граѓаните, да им обезбеди мирен престој во туристичките центри.
– Безбедносната сеостојба во Охрид е стабилна, а туристите можат да уживаат во преубавите туристички центри…Во рамки на летната сезона СВР – Охрид е потпомогната со полициски службеници од други центри. Така што и оваа година ќе бидеме подготвени да ги преземени сите дејствија и да одговориме на сите предизвици, рече тој.
Македонија
Шукова и Мојсова на пазарот во Тафталиџе: Ги слушнавме од прва рака проблемите на пазарџиите

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денес го посети пазарот во Тафталиџе заедно со Маја Мојосова, кандидатка за градоначалничка на општина Карпош.
„Денес бевме на пазарот во Тафталиџе заедно со Маја Мојосова, нашата кандидатка за Карпош. Ги слушнавме од прва рака проблемите на пазарџиите,“ изјави Шукова.
Таа посочи дека условите за работа се лоши, особено при екстремно високи температури.
„На вакви пеколни температури тешко се седи цел ден на тезга, немаат услови, но мораат да бидат таму. Работат напорно, чесно, и заслужуваат подобри услови за работа.“
Клучното барање кое било истакнато од страна на продавачите е јасно:
„Најчестото барање што го слушнавме беше едноставно – затворен пазар со нормални услови за работа.“
Во таа насока, Шукова истакна дека решението е веќе дел од нејзината програма.
„Во мојата програма имам конкретни проекти за затворање и модернизација на градските пазари. Пазарите ќе бидат живи, безбедни и функционални простори и за продавачите и за купувачите.“ – изјави Шукова.
Македонија
Муцунски во Истанбул се сретна со турскиот министер за надворешни работи

На маргините на состанокот на Балканската платформа за мир, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Истанбул оствари средба со својот турски колега, министерот за надворешни работи, Хакан Фидан.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералните политички односи, зајакнување на економската соработка и искористување на инвестициските можности. Соговорниците се осврнаа и на продлабочување на соработката во други области од заемен интерес.
Двајцата министри го потврдија силното пријателство меѓу двете држави, тесната соработка во рамките на НАТО, како и заемната поддршка во мултилатералните организации. Разговорите опфатија и актуелни регионални и геополитички прашања, со акцент на важноста од стабилен и просперитетен Балкан.
Средбата се одржа во рамки на првиот состанок на Балканската платформа за мир, иницирана од министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан.