Македонија
„Над 150 дивоградби во Чаир, а власта молчи, до кога Мицкоски ќе коленичи пред ‘Влен’“, прашува СДСМ

„Повеќе од 150 дивоградби се пријавени во Чаир, со објавени докази за незаконска градба без дозволи, без основни стандарди за безбедност и со сомнителни приклучоци во мрежата на ЕВН. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не преземаат ништо, напротив ја штитат урбана мафија“, велат од СДСМ.
„Во исто време, во Македонска Каменица, МВР поднесува кривична пријава против граѓанин кој го реновирал сопствениот покрив. Еден покрив – кривична пријава. 150 дивоградби – ништо.
Тоа е жив доказ за селективната правда и за политичката заштита на урбаната мафија, особено кога е поврзана со коалициските партнери на власта.
Зошто премиерот Христијан Мицкоски молчи? До кога ќе коленичи пред ВЛЕН?
Дали и тој е влезен во криминалната шема?
СДСМ бара итна истрага, одговорност за сите вклучени – без разлика дали се градоначалници, советници или високи партиски функционери.
Не смее да има недопирливи без разлика дали се коалициски партнери на Мицкоски!
СДСМ ќе продолжиме да се бори за правда, за ред и за правна држава во која законот важи за сите“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски-Кос: нагласена определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи

Премиерот Христијан Мицкоски, денес во Скопје оствари средба со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, која престојува во дводневна посета на земјава по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан.
На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции.
Мицкоски ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Еврокомесарката Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.
Премиерот нагласи дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.