Македонија
Над 16.000 сообраќајки за четири години во државава
Со повеќе од 17.000 сообраќајни незгоди и над 27.000 настрадани лица за четири години, државната статистика покажува дека Македонија има континуиран раст на опасности во сообраќајот. Во овој контекст, стартува и најобемниот систем за автоматска контрола на сообраќајот – „Безбеден град“, кој уште во тест-периодот регистрира десетици илјади прекршоци дневно, отворајќи прашање дали напредната технологија може да го прекине растечкиот циклус на сообраќајни незгоди.
Бројот на сообраќајни незгоди, согласно податоците од Државниот завод за статистика, кој во 2021 година изнесувал 4.069, во 2022 година благо се намалил на 3.952. Но, наместо да продолжи надолниот тренд, веќе следната година бројката повторно расте до 4.274, а во 2024 достигнува 4.526 незгоди.
Паралелно со растот на несреќите, расте и бројот на настраданите лица. По значителното намалување во 2022 година, кога биле регистрирани 6.420 настрадани, повторно следува пораст – 7.105 во 2023 и 7.298 во 2024 година. Споредено со најниската точка во 2022 година, се работи за зголемување од речиси 900 лица во рок од само две години.
Особено алармантен е растот на бројот на загинати. Додека во 2021 година загинале 116 лица, во 2022 бројката се зголемува на 124, во 2023 достигнува 127, а во 2024 година бележи највисока вредност – 142 жртви.
Најголем дел од загинатите во 2024 се возачи, вкупно 85, а следуваат 33 патници и 24 пешаци. Иако бројот на загинати пешаци бележи благо намалување, загубите на живот меѓу возачите се највисоки во последните четири години.
Раст бележат и повредите. Потешко и полесно повредените лица, кои во 2021 година биле 6.659, во 2022 година се намалуваат на 6.296, но веќе во 2023 се зголемуваат на 6.978, а во 2024 достигнуваат 7.156 повредени.
Сумирано, последните две години покажуваат континуиран и јасен раст и на бројот на несреќи, бројот на повредени и бројот на загинати.
Истовремено, државата го стартува најкомплексниот систем за автоматска сообраќајна контрола – „Безбеден град“. Системот подразбира мрежа стационарни и мобилни камери, радари, интеграција со бази на податоци и автоматско креирање записници. Прекршоците (недозволена брзина, минување на црвено, нерегистрирани возила, непрописно паркирање) се документираат дигитално, а известувањата и платните налози ќе се испраќаат електронски, со попуст при навремено плаќање.
Пробниот период на системот „Безбеден град“ стартуваше на 1 декември 2025 при што според информациите од Министерството за внатрешни работи, во првиот тест период за 24 часа регистрирал 110 илјади прекршоци, додека, наредниот ден на 2 декември регистрирани се вкупно 50.652 прекршоци, што претставува преполовување на бројот на регистрирани прекршоци. Од нив 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

