Македонија
„Над 2 милиона денари од партиската каса на Левицата директно во џебовите на Апасиев, Мојсоска, Мециновиќ, Крмов и на Исмаил“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Двојните аршини на Левица излегоа на виделина. Раководството на Левица го покажа вистинското лице и се разобличи пред целокупната јавност. Заврши глумата на Апасиев, Мојсоска, Мециновиќ, Крмов и Исмаил, кои си инкасирале во своите џебови над 2 милиони денари од Левица“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема повеќе глумење на сиромашни револуционери со полни џебови. Маските паднаа. Левица повеќе не може да се крие зад евтини фрази, глумење скромност и идеологија додека позади камерите раководството ги полни личните трансакциски сметки од партиската каса.
Апасиев над 700 илјади денари ставил во сопствениот џеб од парите на партијата Левица, пари кои ги добива од граѓаните преку Буџетот на државата.
Мојсоска иако е пратеник само годинава од партијата инкасирала 3 пати по 54 000 денари.
Крмов, над 270 илјади денари од Левица пикнал во својот џеб.
Реџеп Исмаил исто така си инкасирал во свој џеб 300.000 денари од партиската каса.
Народот не е наивен, Левица не се бори за правда и еднаквост туку за личен бенефит и богатење на тесниот круг на раководството на партијата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарите стивнаа, остана само еден активен

На територијата на државата денеска до 18:00 часот има два пожари на отворен простор, од кои еден пожар е активен и еден е изгаснат, информираат до ЦУК.
Активен е пожарот во Општина Демир Капија, кај м.в. Јаворица каде гори нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во село Дедели, во Општина Валандово, каде гореше депонија.
Македонија
Хуманитарен пикник за вработените во „Алкалоид“: Донирани околу 1,8 милиони денари за лицата во третата доба

Поттикнати од вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во хуманост, солидарност и во грижа за заедницата, над 4.000 вработени, членови на нивните семејства и пријатели на компанијата ја продолжија хуманата мисија, која единаесетти пат се спроведува под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, оваа година визуализирана преку симболиката на балон со топол воздух, илустриран на специјално дизајнираните маички за овој повод, преку кои вработените на „Алкалоид“, членовите на нивните семејства и/или нивните пријатели собраа околу 1,8 милиони денари, кои ќе му бидат донирани на Црвен крст на Град Скопје, а ќе се наменат за поддршка на социјалните сервиси за стари лица.
„Постарите лица, чија мудрост и животно искуство заслужуваат почит, внимание и поддршка, се вреден дел од општеството. Со нашата помош на активностите и иницијативите на Црвен крст на Град Скопје насочени кон социјалните сервиси за лицата во третата доба, веруваме дека заедно можеме да создадеме услови староста да биде период исполнет со достоинство, сигурност и човечка топлина. Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, а токму затоа преку оваа поддршка сакаме да им помогнеме на постарите лица да се издигнат над предизвиците и да имаат поисполнет и поквалитетен живот“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на УО на „Алкалоид“ и Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Секретарот на Црвен крст на Град Скопје (ЦКГС) Сузана Тунева-Пауновска истакна: „Една од мисиите на ЦКГС е да им помогне на лицата во третата доба да имаат достоинствена и безбедна старост. Нивните предизвици се големи – осаменост, намалена мобилност или финансиски тешкотии – но затоа сме тука ние. Преку домашните посети, уредот Итно копче, санитетскиот транспорт и преку дневните центри за активно стареење им овозможуваме поддршка, сигурност и соодветна грижа. Но, оваа наша мисија не би можела да се реализира без силни и посветени партнери. Со ’Алкалоид’ знаеме дека не сме сами – нивната поддршка ни овозможува да продолжиме со поголема храброст и енергија и да реализираме повеќе активности, акции и
иницијативи. Заедно можеме повеќе!“.
Во насока на вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во
хуманост, солидарност и грижа за заедницата, компанијата има воспоставено долгогодишно
хуманитарно партнерство со Црвен крст, поддржувајќи ја оваа хуманитарна организација како во
делот на социјално-хуманитарната дејност и справувањето со кризи и катастрофи така и на полето на крводарителството.
Првиот хуманитарен пикник на „Алкалоид“ под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е
одржан на 3 септември 2011 година.
Македонија
Алиу вели дека во здравството се реализирани над 1.250 вработувања во рекордно време

Министерот за здравство Азир Алиу ги поздрави учесниците на синдикалната школа организирана од Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.
Како што информираат од Министерството за здравство, Алиу истакнал дека ја реафирмира заложбата за синдикатите како искрен партнер во градењето на подобар здравствен систем.
– Особено инспиративна е темата „Синдикализам во здравството: правата не се даваат – се освојуваат“, па оттука сакам да ја реафирмирам нашата заложба дека синдикатите се наш искрен партнер за подобар здравствен систем. Сакам да ве охрабрам за уште позајакната соработка, мојот кабинет е секогаш отворен за сугестии, идеи, забалешки, бидејќи заедно сме уште подобри, вели Алиу.
Во соопштението се наведува дека се реализирани над 1.250 вработувања во рекордно време и дека е спроведен процесот за вработување приватни специјализанти, со што е решен, велат, деценискиот егзистенцијален проблем на оваа категорија здравствени работници.
– Министерството за здравство покажува дека го почитува достоинството на сите медицински лица. Воедно, останува отворено за натамошна соработка со синдикатот. Заеднички продолжуваме да ги решаваме сите отворени прашања и предизвици, со цел да излеземе во пресрет на здравствените работници, и секако на пациентите, стои во соопштението.