Македонија
НАкС: Сенатот на УКИМ да преземе одговорност и да ја повтори постапката за избор на ректор
Сенаторите на УКИМ да ја преземат одговорноста и да ја повторат постапката за избор на ректор, бара Независниот академски синдикат. Од таму велат дека овој избор на ректор бил еден од најскандолзните досега и дека биле прекршени бројни законски и статутарни услови.
„Изборите за ректор се одвиваа во услови на пандемија, во време кога нашите колеги се бореа да ги продолжат редовните наставни и научни активности, додека некои од нив беа и заболени од самиот коронавирус. Многубројни законски и статутарни услови при изборот на ректор беа прекршени, вклучувајќи ја и забраната за спроведување постапка за избор на ректор во време на вонредна состојба, забраната за спроведување на постапката во време на изборен период, како и конфликтот на интереси што ректорот ги имаше како незаконски претседавач на Сенатот. Посредно, на текот на изборите се влијаеше и преку задоцнетото почнување на постапката за избор на сенатори, како и со формирањето на новиот Сенат десет дена по рокот предвиден во Статутот“, се наведува во соопштението.
Според НАкС, сериозните прекршувања и изигрувања на постапката за избор на ректор се последица на грубата злоупотреба на универзитетската автономија, која, за жал, како што велат, некои членови на академска заедница ја сфаќаат буквално како автократија.
„Но, за ваквата состојба одговорност треба да се бара и во институциите, кои се должни да се грижат за правилното спроведување на законите во високото образование, а тоа во прв ред се Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и Министерството за образование и наука (МОН). Одолжувањето на инспекцискиот надзор од страна на ДПИ, како и непостапувањето по задоцнетите реакции на Инспекторатот од страна на министерот за образование и наука, Арбер Адеми, овозможија новиот ректор на најголемиот универзитет во државата да биде избран во една исклучително проблематична процедура од аспект на нејзината законитост и легитимност“, велат од НАкС.
Синдикатот уште еднаш ги повикува институциите да поведат активности согласно нивните надлежности и да овозможат повторување на постапката согласно законските процедури и основните начела на фер и демократска постапка.
„Сенаторите на УКИМ, во чија надлежност е потврдување на ректорот, да преземат одговорност и да донесат одлука со која нема да придонесат најголемиот и најмоќен универзитет во земјата, како и неговата автономија, да (о)станат заложници на можни сегашни и идни непринципиелни интереси и влијанија“, бара Независниот академски синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.