Македонија
Намалена казната на градоначалникот на Ново Село
Апелација во Штип му ја намали казната на градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, од 18 на 6 месеци затвор, потврди Основниот суд во Струмица. Според информациите, Апелациониот суд ја прифатил жалбата на одбраната на Стојчев за висината на казната со која претходно беше осуден од првостепениот суд на 1,5 година затвор.
Намалени се и казните на неговите син и внук, и тоа од една година на 3 месеци затвор, а на петтообвинетиот исто така му е намалена казната од 9 на 3 месеци затвор. Казната, пак, на сопругата на Стојчев, која беше осудена на една година условно доколку не го повтори делото во наредните две години, останува иста.
На пресудата на Основниот суд во Струмица и висината на казните се жалеше и Јавното обвинителство, но неговата жалба Апелациониот суд во Штип ја одбил.
Градоначалникот на Ново Село на 10 јули годинава, заедно со уште четири лица, беше фатен во обид да шверцува цигари во близина на македонско-бугарската граница. Тогаш беа запленети речиси 3.300 штеки цигари во вредност од над 3 милиони денари.
Намалена е и казната на децата од 1 година на 3 месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ревизија: Иднината е сега“ – меѓународна конференција за актуелните случувања и како подобро да се подготвиме за иднината
На 16 и 17 септември 2024 година во Струга се одржа уште една успешна Годишна меѓународна конференција под наслов „Ревизија: Иднината е сега“ (Audit: The Future is Now).
Конференцијата ја организираа Институтот на овластени ревизори на РСМ (ИОРРСМ) и Здружението на внатрешни ревизори на Република Северна Македонија (ЗВРРСМ), со поддршка од Институтот за внатрешни ревизори на Црна Гора. На настанот учествуваа реномирани предавачи, панелисти и гости од земјата и од странство кои произлегуваат од друштва за ревизии, банки, осигурителни компании, регулаторни тела, инвестициски и пензиски фондови, како и институти за внатрешна ревизија од регионот.
Поради големата заинтересираност, меѓународните учесници кои не можеа физички да присуствуваат го следеа настанот онлајн. Учесниците беа од различни земји: Црна Гора, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Латвија, Полска и Естонија.
Конференцијата беше отворена со поздравни говори од страна на претседателката на Здружението на внатрешни ревизори на РСМ, Билјана Секуловска, и претседателот на Институтот на овластени ревизори на РСМ, Ненад Тортевски.
„Ревизија: Иднината е сега“ откри нови хоризонти и перспективи за актуелните случувања и како подобро да се подготвиме за иднината. Опфатени беа различни теми, како:
• сигурносна безбедност и вештачката интелигенција,
• ревизијата на културата,
• дали етиката е благослов или проклетство,
• како да го препознаеме нашиот потенцијал и да се брендираме себеси,
• како да се справиме со новите генерации на работното место,
• стратегијата на внатрешната ревизија согласно глобалните нови стандарди,
• значењето на животното осигурување,
• алатки за подобрување на ефикасноста на ревизијата,
• корпоративното известување за одржливост,
• и ESG (Екологија, Социјална одговорност и Управување) како модел за одржливо и одговорно работење на компаниите, земајќи ги предвид краткорочните и долгорочните ефекти.
Според најавите од ЗВРРСМ и ИОРРСМ, на настанот присуствувале 250 учесници, меѓу кои претставници од Министерство за финансии и регулаторни тела.
Учесниците изјавија дека конференцијата била многу успешна, а програмата за двата дена била исклучително интересна, одржувајќи ја публиката ангажирана во текот на целиот настан.
Настанот беше подржан од следниве спонзори: Алкалоид, Жито Лукс, ASEE, PCES, Прва Живот АД Скопје, Стопанска Банка АД Скопје, Кожувчанка и Тиквеш.
Скопје
В понеделник дел од Центар без вода
ЈП Водовод и Канализација известуваат дека в понеделник поради санирање на дефект од страна на странка – фирма на улицата Франклин Рузвелт бр.60 во населба Центар без вода ќе останат корисниците на улицата Франклин Рузвелт лоцирани на потегот од улица Орце Николов до булеварот Партизански Одреди.
Водоснабдувањето ќе биде прекикнато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Скопје
Одбележан 20 септември – денот на Општина Ѓорче Петров
Со положување свежо цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, општината го одбележа празникот на општината – 20 септември.
Бројни делегации положија цвеќе на споменикот на великанот Ѓорче Петров, а се одржа и свечена седница на Советот на која беа доделени годишната награда, признанија и благодарници за особен придонес. Добитник на Годишната награда на Општината е фудбалската репрезентативка Афродита Салихи.
Градоначалникот Стојкоски во своето обраќање истакна дека останува доследен на заложбата да го направиме Ѓорче Петров модерно и урбано јадро за живеење.
„Во периодот зад нас, успеавме да сработиме проекти со кои затворивме горливи проблеми. Како градоначалник на општината Ѓорче Петров не можам да го сокријам своето задоволство од постигнатото: Работиме на нова детска градинка во Стопански Двор, која се очекува да биде завршена во следните две години, и на уште една локација, односно во Дексион. Завршена е доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Хром со нови училници, а централното училиште речиси целосно го реконструиравме. ООУ „Тихомир Милошевски“ доби 6 нови училници и тоалети. Интервениравме во сите училишта, како и во училишните спортски сали, а следуваат уште инфраструктурни проекти кои значително ќе ги подобрат условите за настава. Проектот „Првиот центар за ресоцијализација на деца кои го победиле карциномот“ се реализира во Кучково.
Една од најзначајните инвестиции е изградбата на станицата за третман на отпадни води и фекален колектор во село Орман. Реконструиравме над стотина улици, поставивме нова фекална и атмосферска мрежа, ја отворивме новата општинска зграда, ја доградивме градинката „Детелинка“, Кучково доби нов систем за водоснабдување, а на ова место целосно партерно го уредивме и локалитетот „Крст“. Депонијата во Ново Село сега е мега-парк „Даме Груев“ со површина од 31.000 м². Најавуваме изградба и реконструкција на сервисни и станбени улици, водоводни мрежи во руралните области, фекална канализација и нова пречистителна станица преку планот за развојни програми за 2024-2026 година, со вкупен буџет од 90 милиони денари“, истакна градоначалникот Александар Стојкоски, на свечената седница по повод 20 септември.
Градоначалникот го најави и почетокот на изградбата на училишната спортска сала во ООУ „Димитар Беровски“, кој е долгогодишен проблем за реализирање на физичкото образование.
Претседателката Ленче Нелоска, која ја отвори Свечената седница на советот на општината Ѓорче Петров, се осврна на големиот број капитални проекти кои значајно ја подобрија инфраструктурата. Се заблагодари на членовите на советот за сите разумни одлуки и проектите кои беа на дневен ред на седниците.
Недела (22 септември) е затворањето на Деновите на општината Ѓорче Петров со голем семеен концерт под мотото „Музика и забава за сите“, каде ги покануваме сите граѓани пред платото кај Корзото со почеток од 11 часот, а ќе траат се до доцните вечерни часови.