Македонија
(Видео) Народен правобранител: Нечовечни услови во затворите во Скопје, Струмица и во Куманово

По ненајавените посети на Народниот правобранител на затворите во Скопје, Струмица и Куманово, констатирани се крајно лоши услови за сместување на притворените и осудените лица, сериозен недостиг на професионален и стручен кадар, што влијае на остварувањето на правата на притворените лица во процесот на ресоцијализација.
„Станува збор за нечовечки услови, затворениците одат во тоалет без врата, хигиената е на најниско ниво и на притворените им е ускратено правото на непречена здравствена заштита и остварувањето на други права за време на издржувањето на мерката притвор или казната затвор во казнено-поправните установи“, рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска.
Таа додаде дека при посетата во 2017 година констатирале повреда на правото на приватност и деградирачка состојба на притворените и на осудените лица, затоа што дел од тоалетите се без врата, па лицата заради обезбедување на некаква приватност мора да закачуваат ќебиња или да се снаоѓаат на друг начин.
Според неа, затекнатите лоши материјални услови, несоодветната опременост на просториите за сместување, влагата и недоволното затоплување, нефункционалниот систем на повикување, се само дел од причините за кои Народниот правобранител препорача итно преземање мерки за санација на овие затвори.
Според Народниот правобранител, од разговорот со притворените во затворите добиле информации исто така дека често се случува притворените лица да бидат навредувани на национална основа, особено припадниците на ромската заедница, како и грубо однесување на претресите од страна на службените лица, на понижувачки и дрзок начин.
Исто така, замерка на Народниот правобранител е недостигот на медицински персонал во затворските установи поради што често изостанува преглед во првите 24 часа при прием на нови осудени, а на лицата сместeни во просториите за изолација не им се вршат секојдневни прегледи од страна на лекарот иако истото е законски задолжително.
„Медицинската заштита во затворите се одвива во услови на недостиг на здравствен и медицински кадар, а забележана е и неопременост на амбулантите со соодветна апаратура и лекови. Во затворите по 20 часот нема обезбедено присуство на здравствен персонал од кој било профил“, рече Бајрамовска, по што додаде дека особено незадоволителна е состојбата во затворот во Струмица, каде што еден доктор од општа пракса и една медициска сестра од Здравствениот дом во Струмица доаѓаат само двапати во неделата по неколку часа.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тренчевска: Раст на плати и пензии, поддршка за најранливите и оддржливи социјални услуги во 2022 година

Во рамки на дводневната конференција организирана од страна на Владата на Република Северна Македонија, „Година на нови можности“ се оддржа и панел сесијата „Социјални и здравствени политики во време на криза“ на која се дебатирише за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална плата и пензиите, воспоставување на социјалните услуги и сервиси и обезбедување на нивна одржливост.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на она што ја одбележа 2022 година, кои се плановите за 2023 година и кои се клучните промени од кои директна придобивка имаат граѓаните. Таа зборуваше за имплементацијата на законското решение недела-ден на неделен одмор, кое ги унапредува работничките права, измените во законот за минимална плата, со кое минималната плата се дефинираше на 18.000 денари и новата методологија за усогласување на минималната плата, со која се обезбедува нејзин постојан раст.
„Ја усвоивме и новата методологија за усогласување на пензиите. Со цел да креираме системско решение кое ќе дава резултати на долг рок, два пати во годината во месеците септември и март пензиите ги усогласуваме со 50% трошоци на живот и 50% просечна плата. Изминатава 2022 година пензиите пораснаа за речиси 10 %. Во месец март очекуваме ново зголемување на пензиите. За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%, “ истакна министерката Тренчевска.
Пензионерите како една од ранливите категории, беа вклучени и во финансиската поддршка во време на економско- енергетска криза. Покрај паричната помош од 3000 денари, за околу 330.000 пензионери, пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари се дел од последниот пакет антикризни мерки.
„Ги мапиравме најранливите категории на граѓани во моментот. Со Законот за финансиска поддршка ги опфативме корисниците на права од социјална и детска заштита односно корисници на право на социјална сигурност на стари лица, на посебен додаток, на правото на надоместок заради попреченост, со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и стечајните работници. Оваа помош е предвидена за четири месеци,“ посочи Тренчевска.
Македонија
СДСМ: Расипничка локална власт на ВМРО-ДПМНE, милионски задолжувања и во Гази Баба

„Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ наместо да ги решава проблемите на граѓаните, расипнички ги троши народните пари и ги задолжува општините. Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски ја задолжува една од најбогатите општини во државата за цели 5 милиони евра“ соопштија од СДСМ.
Од партијата велат „иако пред 15 месеци наследи полна општинска каса со 3,2 милиони евра сега ја задолжи општината со предлог, во кој не е наведено дали има подготвено проекти и проектна документација“.
„Градоначалникот на Гази Баба не кажа ниту колкав ќе биде периодот на отплата, колкава е каматната стапка, ни дали потенцијалните купувачи можат да дојдат во спрега со инвестициските проекти. Стефковски ги изигра и потцени граѓаните на општина Гази Баба. Тој никаде во предизборната кампања не им вети на граѓаните вакво задолжување. Стефковски наместо за граѓаните, работи за лични и за интересите на неговиот шеф Христијан Мицкоски, Гази Баба од општина со полна буџетска каса, од општина со план за развој, благодарение на Стефковски за помалку од година и половина, стана задолжена општина, потоната во безидејност и стагнација“ стои во партиското соопштение.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Оставка од Филип Андов-Сокол и одговорност од Тупанчески

„Во рок од еден месец јавноста дозна за три бегства од затвор. Последниот случај на бегство е повторно од затворот Шутка каде што директор е кадарот на СДС , Филип Андов `Сокол`. Имено лицето Ариф Алили од Кичево, уапсен за дрога, избегал од „слободно одделение“ на затворот“ соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потсетуваат дека „пред извесно време од затворот избега и Нафи Абдиоски, лице со полн фотоалбум од заеднички слики со функционери на СДС. За овие скандалозни бегства нема никаква одговорност од директорот Филип Андов, ниту владата му бара оставка, ниту се најавува смена“.
„Ваквите бегства покажуваат дека се работи за целосен распад на затворскиот систем, кој се претвори во решето систем. Пред неколку недели се случи и скандалозното бегство од затворот Идризово, при што беше ранет и еден затворски полицаец. Овој случај, но и останатите покажуваат дека корупцијата и криминалот владеат со затворите во Македонија. Дали владата на Ковачевски чека и во затворот Шутка да се случи скандалозно бегство со жртви за да преземе конкретни мерки и да побара одговорност одФилип Андов – Сокол и од Тупанчевски? Затоа потребна е оставка од Филип Андов – Сокол и одговорност од Тупанчевски веднаш“ стои во партиското соопштение.