Македонија
Народниот правобранител со апел до оние што сакаат да патуваат да се информираат за условите за патување

Народниот правобранител упатува апел до граѓаните пред планираните патувања да се информираат за условите за патување што важат при излез и напуштање на државата, како и за условите и правилата што важат во земјата што е нивна конечна дестинација.
Од канцеларијата на народниоот правобранител укажуваат дека доколку граѓаните ги исполнуваат условите за соодветната земја, а не им биде овозможено патување, односно бидат вратени назад, да се обратат во канцеларијата на народниот правобранител со поднесување претставка заедно со документацијата што ја поседуваат како потврда за исполнетост на условите.
Претставката може да се поднесе лично во главната канцеларија во Скопје или по електронски пат, како и во подрачните канцеларии во Тетово, Кичево, Битола, Струмица, Штип и во Куманово.
Овој апел и реакција на народниот правобранител, како што информираат од таму, се по добиени сознанија за постоење индиции за незаконско и дискриминаторско постапување на вработените службеници на „ТАВ аеродроми“, кои неосновано не им дозволуваат на граѓаните Роми да си го чекираат багажот и да им биде издаден бординг-пас за летот за кои имаат купено билети.
Имено, според информациите од народниот правобранител, станува збор за наводна појава на дискриминација во областа на пристапот до добра и услуги по основ на етничка припадност, боја на кожа и расна основа кон етничките Роми, кои се државјани на РСМ и кои имаат уредна документација за патување (патна исправа, сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан Ковид-19 или, пак, потврда за негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или брз антиген-тест не постар од 48 часа) поради нееднаквиот третман со другите граѓани на државата што патуваат со авион во странство.
„Доколку добиените сознанија се точни, народниот правобранител го оценува овој чин како срамна дискриминација кон нашите сограѓани Роми поради што го повикува менаџментот на ‘ТАВ аеродроми’ и нивните вработени веднаш и неодложно да го променат нивниот однос кон оваа група патници воспоставувајќи еднаков третман кон сите граѓани на Република Северна Македонија што се упатуваат кон одредена детстинација, а располагаат со сите потребни документи“, стои во писмениот допис од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.