Македонија
Наставниците ѝ даваат зелено светло на реформата
Новата концепција за основно образование што ја нуди Министерството за образование и наука ни дава можност да ја покажеме нашата креативност и да се докажеме како наставници преку поголемата слобода во изведување на воспитно-образовниот процес. По години назадување, на реформата гледаме како можност за промена на образовниот систем и приближување до најдобрите образовни системи во Европа и светот, рекоа наставниците по средбата со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и членовите на работната група во рамките на широкиот консултативен процес за предложените реформи во основното образование.
Професорката Елена Масторидис од ОУ „Лазо Трповски“ во Карпош рече дека првпат по 30 години работно искуство, се појавила министерка која овозможила да се чуе гласот на наставниците и тие да дадат придонес врз основа на искуството за да може новата концепција успешно да почне во септември 2021.
Ставот на наставницитe е дека промените се прават во најдобар интерес како на наставниците така и на учениците.
„Сметам дека апсолутно треба да ја поддржиме, да ја прифатиме, да ѝ дадеме зелено светло на новата концепција кшто ја нуди Министерството, на кој начин ќе можеме да се докажеме и ние како наставници, нашата креативност, и сè она што досега ни било ограничено, а имаме поголема слобода во изведување на тој воспитно-образовен процес и во остварување на нашите цели“, рече Марина Видикова од ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ од Кавадарци.
И Рухи Демири од ОУ „Луиѓ Гаракуќи“ од Желино ги поддржува промените во образовниот систем бидејќи „со нив добиваат учениците, наставниците и сите директно вклучени во системот на образование“. Тој очекува со новата концепција подобра и поквалитетна настава, а со тоа и подобра иднина.
Реформата на основното образование ќе придонесе за враќање на изгубената вредност на професијата наставник, ќе ги мотивира најдобрите ученици да сакаат да бидат наставници, а оние што веќе се во образованието добиваат можност за напредок и развој.
За наставниците, целосно е прифатливо фокусирањето на професионалниот развој, што значи напредок во кариерата, повисоки примања и подобри услови за работа. Рекоа дека овие промени наставниците ги бараат со години и сега, со реформата, конечно ќе се реализираат. Сметаат дека промените ќе значат квалитативен исчекор, токму затоа што наставниците се вклучени од самиот почеток во подготвување на реформата и што нивните мислења се целосно имплементирани.
Наставниците истакнаа дека за нив е клучно што сите наставници по сите предмети продолжуваат со работа, но на еден поинаков начин, преку соработка меѓу себе и заедничко оценување. Ќе следат тримесечни темелни обуки со цел успешно имплементирање на реформата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

