Македонија
Наутро студено, преку денот сончево со умерена локална облачност
Наутро студено, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 7, а максималната ќе достигне од 19 до 25 степени.
Во Скопје утрото посвежо, а преку денот претежно сончево со слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во четврток попладне претежно во западните подрачја ќе има повремен дожд.
Под влијание на циклонска активност во петок и за време на викендот на повеќе места ќе има повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни, проследени со грмежи и засилен ветер. Локално ќе има услови за појава на невреме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обилните врнежи ја загадија водата за пиење во Гостивар
Пожарникарите од ТППЕ Тетово имале две технички интервенции за испумпување вода во тетовската населба Деребој, кај подвозникот за село Фалише и испумпување вода во поплавената куќа во истата населба.
– ЈКП „Шар“ од Тетово информира до ЦУК дека поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер станицата на Лешница засега е целосно затворен, а градот Тетово се снабдува со намалено количество вода. Екипите на ЈКП „Шар“ се на теренот за брзо решавање на проблемот. Известуваат дека ќе има ограничување на водата во градскиот водовод од 13:00 до 15:00 часот и во период од 1:00 до 4;00 часот, стои во соопштението.
Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар е добиено известување во ЦУК дека поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење.
– До натамошно известување, од ЈП „Комуналец“ од Гостивар да не се пие водата од чешма, од водоводот, информира ЦУК.
Македонија
Пожарникари извлекле жена во срушена куќа во Велес
Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало 2.142 повици во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112, а немало пожари на отворено.
ЦУК информира дека вчера, од 9:30 до 10:15 часот, четворица пожарникари со едно противпожарно возило од ТППЕ Велес извлекле жена во срушена куќа. Жената се стекнала со мали повреди и со возило на итна медицинска помош била пренесена во болница во Велес.
ТППЕ Куманово дека вчера, од 12:08 до 12:30 часот, извлекувала лице од возило при сообраќајна незгода во близина на Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Лицето, како што се наведува, имало тешки телесни повреди.
РЦУК Тетово, пак, информира дека околу 4:30 часот возило излетало во река во село Беловиште, Општина Гостивар. Се интервенирало со едно возило и четворица пожарникари. Сите лица биле извлечени, а само еден сопатник бил телесно повреден, кој бил пренесен во Гостиварскиот клинички центар.
Македонија
СДСМ: Скопје е како Див Запад, вчера беше рането 19-годишно момче
Секоја вечер во нашите градови има нови инциденти, пукања, насилство и криминал, а вчеравечер во Чаир во пукотница е повредено 19-годишно момче со 4 прострелни рани, реагираат од СДСМ.
„Ова сведочи за целосната неспособност на министерот за внатрешни работи, Тошковски, и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Улиците ни се претворија во Див Запад. Имаше пукање во Чаир, во Арачиново, се случи убиство кај Мавровка, а пред тоа пукања имаше и во Синѓелиќ, Батинци, Тетово, и на Пластичарска улица. За сите овие инциденти сторителите не се пронајдени, а од 10 убиства и обиди за убиства, Тошковски успеа да расчисти едвај еден случај. Граѓаните стравуваат за својата безбедност, а Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно неспособни да ги заштитат. За само 100 дена ова е еклатантен пример за неспособна власт каде криминалците прават што сакаат. Дали Мицкоски ќе покаже храброст и ќе го повика Тошковски на одговорност, или повторно ќе застане во негова одбрана?“, прашуваат од СДСМ.