Македонија
Најголема битка е да ве задржиме дома, им порача Димитров на младите

Во организација на Американското катче – Битола, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска имаше виртуелна средба во форма на градско собрание (Youth Town Hall) со младите од регионот на Битола и Струга, наменета за воспоставување транспарентен разговор на теми поврзани со Европската Унија и пристапувањето на Северна Македонија.
Вицепремиерот Димитров им порача на младите луѓе дека тие се иднината на државата поради што треба да бидат активно вклучени во општествените процеси и креирањето политики во областите што се од нивен и општ интерес.
„Нашето будење како општество почна токму со вашето барање за подобро образование и иднина во нашата земја. Нашата најголема битка е да ве задржиме вас младите дома и затоа се определив да работам на тоа да ја направиме нашата земја европска, да овозможиме европски стил на живеење дома наместо нашите млади луѓе да заминуваат во странство. Тој процес е како градење куќа – со членството во НАТО ги осигуривме темелите, со пристапувањето кон ЕУ сакаме да си го уредиме домот внатре, да ги пренесеме европските вредности и стандарди и да створиме општество еднакво за сите“, рече Димитров.
Тој зборуваше за процесот на пристапување кон Европската Унија, придобивките и предизвиците што ги носи членството, а се осврна и на актуелните прашања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија. На заинтересираните еврооптимисти им ги претстави програмите за млади и нагласи дека со членството во ЕУ се зголемуваат можностите за работа и образование за младите надвор од сопствената држава, но истакна дека со процесот на европеизација би се намалиле причините поради кои младите ја напуштаат државата.
„Мојата генерација има обврска да обезбеди подобар почеток за идните генерации, што подразбира мир и стабилност на државата, вработување засновано на способности и квалитети, правда во судниците, компетентно образование, опремени болници, чисти воздух и езера. Членството во ЕУ е двонасочна улица – ви овозможува многу повеќе можности за живот надвор, но нашата мисија низ тој процес е да имате повеќе причини да останете дома затоа што и тука ќе имате исти правила и квалитет на живот“, истакна тој.
Младите луѓе на настанот покажаа голем интерес за европското досие на Северна Македонија и начинот на функционирање на Европската Унија, но и желба за придонес кон овие процеси, информираат од кабинетот на Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.