Македонија
На ГП Табановце зголемена фреквенција на возила
На ГП Табановце за излез и влез се бележи зголемена фреквенција на возила. На останатите
гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, соопшти АМСМ.
Зголемен интензитет на сообраќај има и на патните правци надвор од градските средини. Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се
однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: ДУИ е синоним за зло и дестабилизација
Таканаречениот Европски фронт, се обидува да сее несигурност кај граѓаните. Тоа што Фронтот наречен “европски“ беше дестабилизиран не значи дека треба да се дестабилизира државата. Тоа што се поделија, не значи дека општеството ќе се подели како нив, велат од коалицијата ВЛЕН.
„Во овие клучни моменти за иднината на државата, ги повикуваме сите политички актери кои и посакуваат добро на државата, да се обединат околу стратешките цели, а тоа се европските вредности и евроинтеграциите, а не други ретроградни дејствија. Кога ДУИ зборува за руски инфилтрации, ја потсетуваме јавноста дека оваа партија му даде пасош на прорускиот бизнисмен Онишченко, кој е на црната листа. Смешно е кога ДУИ зборува додека нејзините постапки ја демантираат. Токму оваа партија сама го отвори небото за да го донесе рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Скопје. Обидите за дестабилизација нема да поминат, ќе тече хармонија и соживот меѓу граѓаните каде сите ќе се чувствуваат еднакви. Ова го дадовме како ветување во предизборната кампања и посветено се залагаме за тоа секој ден“, се нагласува во соопштението од оваа партија.
Според ВЛЕН, „синоним за дестабилизација е Девалвирачката Унија на Институциите“.
„Им го освежуваме сеќавањето. Сите страшни настани во државата, особено за Албанците, се случија кога ДУИ беше дел од власта. Случаите “Монструм“, “Диво Наслје“, се настани кои ја затегнаа државата, но за среќа не создадоа поделеност во општеството. ДУИ е синоним за зло и за тоа Албанците ги испратија на местото каде заслужуваат да бидат, во опозиција“, оценуваат од ВЛЕН.
Албанскиот народ, како што додаваат, повеќе нема да се изманипулира.
„Правдата доаѓа, а вашите игри завршија. E ова им пречи на експонентите на ДУИ, поточно Артан Груби. Бајките и лагите кои се обидува да ги наметне во домашната јавност веќе не поминуваат, па сега се обидува да ги пренесе своите лаги во јавноста во Албанија дека по инцидентите кои се случиле, биле уапсени 17 Албанци, што апсолутно не е вистина. Потсетуваме дека 17 лица беа уапсени за палење на државното знаме и албанското знаме.
ВЛЕН гарантира: Законот е за сите и над сите. Никој нема да биде над законот, без разлика на позиција или припадност. Безбедноста е приоритет. Секој граѓанин, без разлика, заслужува да се чувствува безбеден и заштитен. Правдата е на дело. Секое кривично дело ќе се истражува, секој сторител ќе одговара и никој нема да избега од казна“, прецизираат од ВЛЕН.
Македонија
Министерот Љутков на доделувањето на „Ability awards“: Уметноста може да ја надмине секоја пречка
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер присуствуваше на првото издание на манифестацијата „Ability awards“, каде што на реномираната пијанистка Ема Ананиевска ѝ ја врачи наградата за култура и уметност.
Љутков упати честитки до Ананиевска, која е дипломирана пијанистка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, истакнувајќи дека нејзиниот придонес во македонската музичка култура е бесценет, а нејзиното музицирање покажува дека уметноста може да ја надмине секоја пречка.
„Бескрајно ѝ благодарам за нејзиниот придонес во македонската музичка култура и ѝ посакувам да продолжи вака успешно да создава, да биде голем афирматор и промотор на македонската култура“, рече Љутков, кој упати и честитка по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
„Министерството за култура и туризам продолжува да работи на зголемување на застапеноста на лицата со посебни потреби во областа на културата. Наша заложба е лицата со посебни потреби да се вклучат во општествениот и културниот живот и со дарбата или талентот што ги поседуваат, да станат учесници во градењето на културното живеење на нашата држава“, истакна Љутков, кој ги поздрави заложбите на Здружението „Абилитис нет“ (Abilities Net) за организацијата на овој настан, апелирајќи до сите здруженија на граѓани и во иднина да аплицираат на конкурсите на Министерството за да се обезбеди поголема застапеност на културни содржини за овие лица.
„Министерството за култура и туризам и институциите од областа на културата се отворени за соработка и за иницијативи, со една заедничка цел – да го унапредиме културното живеење на лицата со попреченост, да градиме заеднички вредности, да градиме општество на еднаквост“, рече тој.
На манифестацијата „Ability awards“, што се одржа во хотелот „Хилтон“, организаторот додели награди во 10 различни категории на 10 поединци и 10 компании кои постигнале најголем успех во светот на инклузијата, изгласани од страна на публиката.
Македонија
Филипче е марионета на Заев во СДС, не нуди ништо ново на политичката сцена туку континуитет на погубните политики, предавства, афери и скандали, според ВМРО-ДПМНЕ
Во СДС ништо не се менува, Филипче и новите кадри се продолжена рака на Заев. Филипче е лојален на Заев, ги поддржува и е дел од сите предавства, скандали и криминали на претходното раководство, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче не се откажува од Заев, а со тоа не се откажува ниту од криминалите кои тој ги правел во РЕК Битола, ЕСМ и предавствата со Бугарија. Филипче не се откажува од Заев и старите политики и афери како издавањето на над 200 пасоши на белосветски криминалци, како и од рекетот и криминалот во фирмите кои ги правеле. Филипче не се откажува од Заев затоа што тој верно го следи Заев и сака да биде како Заев. Филипче е бледа копија на Заев. Заев е тој што раководи со СДС од далечина, додека се рашетува по Дубаи и светот со парите спечалени на грбот на македонскиот народ. Филипче и тимот на СДС не нудат ништо ново на политичката сцена. Дека тимот на Филипче не е ништо поразличен и е континуитет со политиките на Заев знаат и членовите на СДС, а тоа се гледа и во кадровската криза и проблемите во екипирањето“, истакнуваат од партијата на власт.
Во раководството на СДС на важни позиции, според ВМРО-ДПМНЕ има личности кои што немаат ниту ден партиски стаж и коишто се јавно непознати, но се верни слуги на Филипче и Заев.
„Нема јака опозиција си вакви репрезенти кои се континуитет на погубните политики на Заев“, додаваат од партијата.