Македонија
(Видео) На конкурсот за полицајци се пријавиле 2.964 кандидати
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска го посети Центарот за обука во Идризово, каде што почна процесот на фазна селекција на пријавените кандидати за полициски службеници по последниот објавен конкурс од крајот на декември минатата година.
„На овој последен јавен оглас се пријавија вкупно 2.964 кандидати, од кои 2.365 се мажи, а 599 жени. Оваа бројка што е далеку поголема од бројката од претходниот јавен оглас, кога имавме вкупно 2.391 пријавен – доволно говори како за евидентниот интерес кај младата популација за полициската професија, така и своевидниот позитивен имиџ што нашето министерство го има меѓу оваа категорија граѓани“, кажа Спасовски.
Тој истакна дека ова е добра можност заедно со колегите одговорни за спроведување на целокупната селективна постапка, покрај непосредниот увид во истата, јавноста, транспарентно и одговорно да се информира за сите важни детали и поединости поврзани со изборот на идните, нови полициски приправници.
„Во тој контекст, сакам накусо да ве информирам дека сите овие млади луѓе во рамки на сеопфатниот концепт на проверки ќе минат најпрво физички, а потоа и психолошки проверки, па проверките на знаењата и безбедносните и здравствени контроли, притоа почитувајќи ги и нужните епидемиолошки, односно здравствени протоколи, така што до крајот на месец март, односно почетокот на април веќе ќе биде заокружен цел тој селективен процес со прецизно бодовно рангирање на сите кандидати“, објасни министерот.
По ова ќе следи процесот на избор на 660 кандидати кои ќе бидат упатени на основна обука за полицаец, со потпишување договори за отпочнување на едногодишната обука за полицаец.
„Потоа, преку теоретска и практична едукација во три образовни модули во траење од по четири месеци, како што налага стандардизираната процедура, преку рангирање ќе бидат избрани идните 600 полициски службеници на Министерството за внатрешни работи со коишто ќе склучиме договори за вработување на работна позиција приправник-полицаец, со обврска најмалку пет години да работат во Министерството за внатрешни работи“, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Славески: Арсовска е на потег, приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот на Град Скопје
Предлогот за зголемување на цената за поминат километар на приватните превозници е пуштен на мислење до градоначалничката Данела Арсовска, ова го објави претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
„Приватните превозници преку член на Совет на Град Скопје бараат зголемување на цената на нивните услуги.
ПРИВАТИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ПРЕКУ ЧЛЕН НА СОВЕТ НА ГРАД СКОПЈЕ БАРААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА ЗА НИВНИТЕ УСЛУГИ
– НА ПОТЕГ Е ГРАДОНАЧАЛНИКОТ АРСОВСКА – pic.twitter.com/eDvd8DmyWC
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) November 27, 2024
На потег е градоначалникот Арсовска“, обзнани Славески.
Тој според објавеното побарал од Арсовска да одговори дали се согласува со промена на условите во договорот кој има важност до мај следната година, но бара и конкретен птредлог за зголемување на цената со образчожение на кои параметри го темели предлогот.
Македонија
Фетаи- Сарацин: разменети мислења за евроинтеграцијата и приоритетните реформи
Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денес се сретна со Специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин. Средбата се одвиваше во отворена и конструктивна атмосфера, при што се разговараше за стратешките приоритети на Владата во контекст на европската интеграција.
Вицепремиерот Фетаи и специјалниот претставник Сарацин разменија мислења за неопходноста од забрзување на процесот на пристапување кон Европската унија, кој останува стратешка цел на Северна Македонија. Во текот на разговорот, Фетаи ја нагласи силната посветеност на Владата кон унапредување на клучните реформи, како што се зајакнување на правната држава, интензивирање на борбата против корупцијата и градење на стабилни и функционални демократски институции.
Посебен акцент беше ставен на зачувувањето и унапредувањето на меѓуетничката хармонија, како и на промоцијата на јазичната разновидност – вредности кои се основа на општествената кохезија и развој на земјата.
Специјалниот претставник Сарацин ја истакна важноста од исполнување на обврските кои произлегуваат од Преговарачката рамка и ги охрабри властите во Северна Македонија да го искористат поволниот момент за започнување на преговорите за членство. Тој нагласи дека во рамки на ЕУ постои широк консензус за потребата од проширување со земјите од Западен Балкан.
Македонија
Град Скопје за градоначалникот Курто Дудуш: Само во Македонија кога функционер е фатен во криминал, организира протести за да го покрие сопствениот срам
Само во Македонија кога функционер е фатен во криминал, организира протести за да го покрие сопствениот срам. За жал, таков е и случајот со градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш кој е доволно храбар ем да им наплаќа на сопствените сограѓани противправно „услуга“ за собирање на смет, истиот тој смет да го собира со општински возила и нелегално да го фрла на дива депонија формирана на приватен плац сопственост на Курто Дудуш, реагираат преку соопштение од Град Скопје:
Срамота е додаваат од оваа институција, во 21 век, во 2024 година вакви луѓе да зборуваат и да обвинуваат други за наводен расизам. Во време кога здравата животна средина е императив , да ги труеш своите сограѓани креирајќи диви депонии не е расизам туку екоцид врз сопствениот народ.
Ги повикуваме надлежните органи, МВР и Јавното Обвинителство сериозно да ги разгледаат доказите кои се состојат од видео и фото материјали, записници, документации и изјави, а кои ќе бидат доставени од градот Скопје.
Следниот пат кога Дудуш ќе ги повика жителите на својата општина на протести, нека им објасни што всушност крие и дека градот Скопје нема намера да ги чисти депониите кои тој лично ги прави.