Македонија
На Скопје не му требаат експерименти и луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа, порача Ѓорѓиевски од митингот во Скопје
Стоиме заедно во пресрет на конечната одлука, ова е одлука за судбината на нашиот град. Одлука за тоа во каков град сакаме да имаме ние и во каков град сакаме да живеат нашите деца. Нашиот град е уморен од хаос, уморен е од нечистотија, од сообраќаен метеж во кој губиме часови од нашиот живот, од празни ветувања и од неспособност, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на денешниот митинг во Скопје во рамки на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори во недела на 2 ноември.
Ѓорѓиевски посочи дека Скопје е град со сериозни, длабоки и наталожени проблеми и овие проблеми не се решаваат со учење во од и со празни фрази, туку бараат сериозни, искусни и итни решенија.
„На Скопје, почитувани, не му требаат експерименти, на Скопје не му требаат луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа. Не му требаат луѓе кои допрва ќе откриваат што е тоа Генерален урбанистички план, што е Детален урбанистички план, што е физибилити студија, што е главен проект, а што е буџетско планирање“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој вели дека градот бара човек којзнае што прави уште од првиот ден, затоа што Скопје нема време за губење, ниту пак за учење.
„Немаме време некој допрва да учи колку училишта има во Скопје, да учи колку претпријатија има, да учи кои се булеварите во главниот град, да ги учи каде се скопските населби. Ние во изминатите четири години докажавме како се работи, а пред неколку дена на дуел, нивното незнаење, лажната скромност и преголемата амбиција и доживеа целосен дебакл“, рече Ѓорѓиевски.
Во обраќањето до скопјани, Ѓорѓиевски истакна дека сега пред нив ја бара довербата со дела оставени зад него, посочувајќи дека за Кисела Вода вети 70 километри асфалтирани улици, и испорача, вети нови градинки, и тоа го реализиравме, и листите на чекање ги сведуваме на нула.
Ѓорѓиевски рече, имаме јасен план, со стотици проекти во нашата програма и знаеме како да го решиме сообраќајниот колапс.
„Ќе ја одблокираме клучката Момин Поток, ќе го пробиеме булеварот Хрватска за да ги споиме Гази Баба и Бутел, ќе го завршиме булеварот АСНОМ со новиот мост за да ги споиме Аеродром и Гази Баба, ќе го прошириме булеварот Цветан Димов во Чаир со шест ленти. Ќе го изградиме Февруарски Поход со нов мост преку Вардар, со кој Аеродром добива целосно нов коридор, ќе воведеме трета лента на булеварот Александар Македонски за да нема повеќе хаос на источниот дел од градот. Ова не се само линии на хартија, ова се артерии кои ќе го оживеат градот“, истакна Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

