Македонија
На 2-ри април синдикален протест заради минималната плата

Претседателот на Сојузот за синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов денеска на прес-конференција најави дека на 2 април ќе одржат протест на улиците во Скопје. Ова доаѓа откако во вторникот Владата ја усвои информацијата дека минималната плата ќе се зголеми за 1.800 денари во нето износ, а според ССМ, одлуката е незаконска.
-ССМ излегува на улица на 2-ри април, онака како што ветивме пред еден месец. Часот кога ќе почне јавната седница на органите и телата на ССМ, вклучително и синдикатите здружени во ССМ, е 12:05, имајќи во предвид дека 5 до 12 одамна помина, а 12 часот помина тогаш, кога Владата одлучи еднострано да усвојува информација, и со информација да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата, рече Трендафилов.
Тој напомена дека до сега, ниту со поголемиот дел од гранските синдикати здружени во ССМ не се преговара, не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор.
-Не се преговара и не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор, а тоа е да добиеме функционерски плати, просечна плата по коефициент на сложеност или зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 проценти во нето, или 12, 9 проценти во бруто, додаде Трендафилов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Прогласена е кризна состојба“ – СМС порака која стигна до граѓаните е тест за масовно известување во кризни состојби

Во текот на попладневните часови, дел од граѓаните добија СМС порака со следната содржина: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите.”
Центарот за управување со кризи информира дека ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен ‘cell broadcasting’ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации.
„ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација. Воведувањето на вакви системи е не само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби“, соопшти ЦУК.
Македонија
Активни се девет пожари во Македонија

До 18:30 часот, имало вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои 9 се активни, 4 се под контрола, а изгаснати се 16 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
АКТИВНИ (9):
Општина Чучер Сандево: помеѓу с.Блаце и с.Горњани, м.в.Рамна шума (шумски пожар)
Општина Прилеп: с.Бешиште, м.в.Бешишки Рид (приземен во мешана шума)
Општина Македонски Брод: помеѓу с.Црешнево и с.Локвица (деградирана дабова шума и грмушки)
Општина Дојран: с.Николич (нискостеблеста шума)
Општина Василево: с.Владевци (нискостеблеста шума)
Општина Чашка: под Солунска глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка, каде нема активен пламен, само чад во карпест дел (шумски пожар)
Општина Крива Паланка: с.Лозаново
Општина Тетово: патен правец Тетово – с.Селце (дива депонија)
Општина Делчево: м.в.Брежје (нискостеблеста вегетација, смреки и грмушки)
ПОД КОНТРОЛА (4):
Општина Македонски Брод 1: с.Рамне – с.Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков)
Општина Македонски Брод 2: с.Слатина (мешана шума)
Општина Македонски Брод 3: с.Слатина (нискостеблеста мешана шума)
Општина Делчево: градска депонија Острец (депонија)
ИЗГАСНАТИ (16):
Општина Шуто Оризари: с.Визбегово (депонија)
Општина Ѓорче Петров: с.Орман (ниска вегетација и дрво)
Општина Гази Баба: Смилковско Езеро (ниска вегетација)
Општина Аеродром: ул. 3 Македонска Бригада (сува трева)
Општина Кисела Вода: ул.Малешевска во нас.Драчево (сува трева)
Општина Струмица: с.Куклиш (стрниште и сува трева)
Општина Велес: градска депонија во Велес (ѓубре)
Општина Кавадарци: ул.Диме Туриманџов (ѓубре)
Општина Делчево: м.в.Брежјето (грмушки и сува трева)
Општина Куманово: нас.Средорек (ѓубре и сува трева)
Општина Крива Паланка 1: с.Градец (шума и сува трева)
Општина Крива Паланка 2: с.Конопница (борова шума)
Општина Желино: с.Ларце – с.Горна Лешница (мешана шума)
Општина Тетово: с.Џепчиште (сува трева)
Општина Гостивар: Гостивар (сува трева)
Општина Кочани: кај селата Јастебник и Полаки, м.в.Бабиште (шума и сува трева)
Македонија
Уапсени две лица, запалиле кабли и предизвикале пожар

Полицијата уапси две лица кои запалиле кабли и предизвикале пожар.
Според информациите на МВР, вчера во 15:30 часот, при вршење на патрола на патот помеѓу Кадино и Миладиновци од страна на полициски службеници е забележан црн час при што затекнати се две лица кои имаа запалено кабли во близина на сува трева и дива депонија.
„Со брза реакција пожарот е спречен да се прошири и истиот е изгаснат. Утврдено е дека станува збор за лицето И.Б.(39) од Куманово и А.Б.(31). Лицата се лишени од слобода во Полициска станица Гази Баба и ќе биде известен Јавен обвинител за поднесување на соодветна пријава“, соопшти МВР.