Македонија
Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски, веднаш, без размислување, да поднесе оставка за катастрофалниот резултат
Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ упатува честитки за сите учесници во изборниот процес, кој согласно досегашните извештаи од набљудувачите, помина во мирна и демократска атмосфера, како што и доликува на Република Северна Македонија која ги отпочнува проговорите со Европската Унија.
„Со жалење констатираме дека Христијан Мицкоски ѝ донесе пораз на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа, потврда дека на партијата ѝ се неопходни реформи и темелна чистка, со цел нејзина демократизација. Ова е уште еден доказ дека Мицкоски е казнет и од нашето членство, кое не дозволува ВМРО-ДПМНЕ да биде претворена во партија налик грчката Златна зора. На членството му благодариме за стабилната поддршка што ја покажа, за разлика од Христијан, кој донесе само негатива покажувајќи дека не умее да го искористи кадровиот потенцијал на нашата партија и избра да оди со кандидати како министерката на Бранко-Гога и Сафет Бишевац.
Изборниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ е последица на распарчувањето на партијата кое Мицкоски го донесе, исклучувајќи ги сите кои мислат различно од него и неколкутемина негови потрчковци. Наместо како лидер, да обединува за силна победа, тој ширеше омраза, лаги и го ситнеше отпорот против владејачката гарнитура. Тој остана настрана и од помирувањето кое е толку потребно во нашето општество.
Срамно е немањето доблест за признавање на дебаклот кој ние најавивме дека ќе ѝ се случи на партијата, а со оглед на деструктивните политики водени од Мицкоски. Залудни се оправдувањата дека ВМРО-ДПМНЕго победила СДСМ и обидите за манипулација на чесното членство. Наместо тоа, Мицкоски, веднаш, без размислување, треба да поднесе оставка за катастрофалниот резултат што ѝ го донесе на партијата. Со себе треба да ги понесе и неговите „лева“ и „десна“ рака, како и сите нивни придружници кои изминативе години во континуитет ја носеа партијата во пропаст, наместо да се залагаат за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија и НАТО.
Самонаречениот лидер Мицкоски, кој во изборите се претстави како „даскал“, ги изгуби овие избори со 40.000 гласови помалку во споредба со претседателските избори. Доколку се направи споредба со парламентарните избори во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ поради нечесните политики кои ги водеше Мицкоски има 150.000 гласови помалку. Тој самиот кажа дека доколку ги изгуби изборите или не состави Влада, ќе си поднесе оставка. Редно е барем еднаш да го одржи зборот и да замине засекогаш од ВМРО-ДПМНЕ. Доста беше лажен патриотизам и сквернавење на партијата. Доста беа погрешни политики и урнисување на името ВМРО-ДПМНЕ.
Во нашата партија има чесни поддржувачи, членови, активисти. Ти не си ВМРО-ДПМНЕ, ти си уништувач на идејата за модерно, центар десно ВМРО. Затоа, Христијан Мицкоски, заминувај веднаш“ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

