Македонија
„Неколкуте оставки во СДС не се доволни кога проблемот лежи во лидерството на Филипче“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„ВМРО-ДПМНЕ оствари историска победа на овие локални избори, освојувајќи 54 општини плус градот Скопје. Владината коалиција покажа дека е стабилна и легитимна, обезбедувајќи вкупно 66 општини од 81, што претставува доверба од граѓаните за нов почеток и вистински промени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Симболиката на оваа победа најсилно се гледа во Кичево, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, доби поддршка од сите етнички заедници, и е слика на заедништво во град кој со години беше бастион на ДУИ. Токму во Кичево, обединувањето на граѓаните стана симбол на отпорот против корупцијата и партиската злоупотреба,
Во Брвеница, Јовица Илиевски победи и покрај нечесната кампања на противкандидатот. Во Карпош, новиот градоначалник е Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ, како и во Град Скопје каде довербата од граѓаните ја доби Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
На овие избори, граѓаните јасно порачаа дека е време за промени, за нови лица и нова енергија што ќе ја води државата напред во следните четири години. Народот реши да стави крај на неправдите и да ја довери својата иднина на луѓе што ќе работат чесно и посветено за нивното добро.
Промени се случија и во Валандово, Дојран, Дебарца, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Росоман и Чучер Сандево, каде што новите градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводат локалната власт. Вториот изборен круг само ја запечати сликата, ВМРО-ДПМНЕ потврди победа и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце и Чешиново-Облешево.
Со овие резултати, опозицијата е длабоко поразена. СДС и ДУИ мора сериозно да се консолидираат и реформираат. Потребна е конструктивна опозиција, заснована на аргументи и поддршка за реформи, а не на деструктивни политики и пракси како во времето на СДС и ДУИ.
Во СДС, неколкуте оставки не се доволни кога проблемот лежи во лидерството на Венко Филипче, човек кој беше дел од најкриминалната и најкорумпираната власт во поновата историја на Македонија. Додека тој ја води партијата, СДС ќе остане на дното, а овие избори се доказ дека граѓаните го испратија во историјата.
ВМРО-ДПМНЕ покажува дека има слух за сите граѓани, дури и за оние кои одлучија да не ја дадат својата поддршка никому. Новото раководство ќе работи на тоа да ја заслужи нивната доверба преку вистински промени, конкретни реформи и подобрување на животниот стандард.
Затоа што граѓаните заслужуваат повеќе, заслужуваат власт која ќе се бори за нив, а не против нив“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).

