Македонија
Нема повеќе вработувања со телефонски повик „сакам моето дете да биде ваков или онаков доктор“, Алиу ги преброи лекарите во државата
Тргнувајќи од ставот дека здравството не може да се реформира на слепо, министерот за здравство Азир Алиу денес презентира резултати од анализата на капацитетите на сите јавни и приватни здравствени установи, кои нудат услуги покриени од Фондот за здравствено осигурување. Граѓаните веќе може на веб-страницата на „Мој термин“ да проверат во која институција какви лекари има, од кои има недостиг, колку медицински сестри има, каде нема кардиолози, гинеколози и педијатри, а пребројан е и немедицинскиот кадар во здравствените институции.
Анализата покажа дека во земјата има 3.779 здравствени установи, од кои 2.942 се во мрежата здравствени установи, а надвор од мрежата се 837.
Од установите што се во мрежата здравствени установи – 2.830 се приватни, а 112 се јавни.

Приватното здравство што работи со Фондот има 9.040 лекари, а во јавното се 4.746
„Бројот на вработените во јавниот и во приватниот сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во јавни здравствени установи, а 13.847 се во приватните здравствени установи. Од 13.847 вработени, 9.040 се лекари и членови на тимови во примарното здравство, а 4.807 се другите вработени во приватните здравствени установи во здравствениот сектор. Од 18.536 вработени во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво се 4.746, а медицински сестри се 7.003 во јавните здравствени установи, како и друг медицински и немедициснки кадар, во кој се опфатени над 550 називи според меѓународната класификација, и тоа како возачи на брза помош, хигиеничари, магационери, клинички фармацевти и друго“, рече министерот Алиу.
Податоците се подредени по специјалност, по профил и по тип на установа. Министерот Алиу најави дека тоа е почеток на воспоставување регистар на работниците во областа здравство кај нас, каде што секој податок може да се гледа во реално време и да се креираат здравствени политики базирани на точни и навреме ажурирани податоци.
Анализата покажува колку медицински сестри, доктори, фармацевти, онколози, кардиолози, анестезиолози ни требаат во државата и со овие податоци веќе се креира матрица на човечки ресурси, која ќе биде главен и единствен патоказ за нови вработувања.
„Имаме голема бројка доктори во области, кои, да кажеме, се комерцијални, а помалку имаме во профили што ни се неопходни во здравствениот систем, но немало интерес да продолжат понатаму. Веќе нема да биде така бидејќи ние како Министерство за здравство ги отвораме слободните места за специјализации. Ве уверувам дека бргу ќе дојде тој период, најверојатно за еден-еден и пол месец ќе видите дека сите слободни места што ќе ги отвориме ќе бидат базирани на оваа табела. Нема да бидат базирани на телефонски повик од типот – сакам моето дете да биде ваков или таков доктор“, рече министерот Алиу.
Многумина од здравствените работници може да бидат и прераспределени на места на кои има потреба од нив место да останат на места каде што се превработени, а главен приоритет и за прераспределувањата и за новите вработувања ќе биде анализата на капацитетите.

Новите вработуватња во здравството ќе бидат базирани на потребите место на желбите како досега, рече министерот Алиу
Анализата е резултат на темелен институционален процес на вкрстување податоци од Централниот регистар, Агенцијата за вработување, Лекарската комора, Стоматолошката комора, Фармацевтската комора, Управата за електронско здравство, како и Фондот за здравствено осигурување. Ажурирањето на листата на капацитети со кои располага здравството министерот Алиу најави дека ќе биде законска обврска, на што веќе се работи, за да може во секој момент да се знае што недостига, а и да се креира националната стратегија за следните десет години во соработка со Министерството за образование.
Министерот Алиу рече дека во последната деценија бројот на лекари и на медицински сестри бележи минимално зголемување, но и понатаму недостигот од ваков вид кадар е голем и нема да се реши бргу.
Бројот на лекари од 265 на 100.000 жители во 2010 година се зголемил на 296 на 100.000 жители во 2020 година, но тоа е далку од просекот на ЕУ, кој е 412 лекари на 100.000 жители.
Бројот на медицински сестри исто така се зголемил од 356 на 100.000 жители во 2010 година на 440 на 100.000 жители во 2020 година, што едвај е половина од ЕУ-стандардите, кои велат дека требаат 838 сестри на 100.000 жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

