Македонија
Нема повеќе седење дома и земање плати, потребна ни е ефикасна администрација, порача Мицкоски

„Јавната администрација не е само механизам за спроведување на законите и политиките, таа е лицето на државата, одраз на нејзината ефикасност и посветеност кон граѓаните. Колку е подобро организирана, толку побргу и поквалитетно ќе ги испорачува услугите. За жал, во изминатите години сведочевме на слабости, партизираност, неефикасност, недоволна компетентност на одредени кадри. Сега е време за промени“, рече премиерот Христијан Мицкоски на втората по ред седница на Советот за реформа на јавната администрација.
Мицкоски исто така истакна дека нема веќе седење дома и земање плати и дека Владата ќе се фокусира на одредени елементи во јавната администрација да ја направи поефикасна.
„Можам да соопштам дека нема повеќе луѓе што седат дома и земаат плата.
Се бориме за систем на заслуги наместо партиски влијанија.
Професионалната администрација подразбира дека вработувањата и унапредувањата се засноваат на знаење, вештини и резултати, а не на политички или лични врски. Воведувањето транспарентни критериуми за селекција, тестирање и континуирана евалуација ќе гарантира дека само најдобрите ќе бидат дел од институциите.
Според него, професионалец не е само оној што знае, туку и оној што работи одговорно и транспарентно.
„Ќе ги зајакнеме етичката свест и механизмите за отчетност на администрацијата кон граѓаните.
Дигитализацијата за поголема ефикасност е многу значајна. Современата јавна администрација мора да биде технолошки напредна. Ќе инвестираме во дигитални алатки, кои ќе го намалат времето на обработка на барањата, ќе ги елиминираат непотребните чекори и ќе ја зголемат ефикасноста.
Квалитетната администрација бара мотивирани и задоволни службеници. Тоа значи подобри работни услови, фер плати и можности за напредување врз основа на реални заслуги“, рече тој.
Мицкоски нагласи дека јавната администрација е сервис за граѓаните и дека реформата мора да се спроведе ако сакаме европска држава.
„Ова не е промена што се случува преку ноќ, но е реформа што мора да ја спроведеме доколку сакаме модерна, европска држава. Јавната администрација мора да биде сервис за граѓаните, а не институција што ја кочи државата. Време е да создадеме систем во кој професионалците ќе ја движат администрацијата напред“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најмногу активни жаришта има во Македонски Брод, под контрола се пет пожари

Вкупно 16 пожари на отворен простор се евидентирани до 12 часот, покажуваат податоците од Центарот за управување со кризи. Од нив, осум се активни, пет се ставени под контрола, а три се целосно изгаснати.
Најмногу активни жаришта има во општина Македонски Брод, каде што се водат битки со три пожари: во близина на селата Црешнево и Локвица, во атарот меѓу селата Рамне и Ковче, и во село Слатина. Пожарите зафатија дабови и мешани шуми, како и ниска вегетација, а еден од нив се проширил од индустриски објект (фабриката Самоков).
Активни пожари има и во: Чучер Сандево, меѓу селата Блаце и Горњани (Рамна шума), Прилеп, кај селото Бешиште, Чашка, под Солунска Глава (само чад, но сè уште под надзор), Дојран, кај селото Николич, Крива Паланка, во атарот на село Градец.
Пет пожари се ставени под контрола, меѓу кои во Ѓорче Петров кај село Орман, Гази Баба, во близина на Смилковско Езеро, Шуто Оризари, на градската депонија, во Кочани, кај Јастебник и Полаки, и во Делчево, на депонијата Острец.
Целосно изгаснати се пожарите во:
Делчево (место викано Брежјето),
Желино, меѓу селата Ларце и Горна Лешница,
и Куманово, во населбата Средорек.
Надлежните апелираат на зголемена внимателност и соработка со службите, особено во подрачјата каде што пожарите се сè уште активни.
Македонија
ДУИ: Силен шамар од Брисел, Северна Македонија лабораторија на влијанијата од „српскиот свет“, Русија и Кина

За ДУИ, најновиот извештај на европратеникот Томас Вајц во Европскиот парламент претставува алармантно обвинение за насоката во која се движи Северна Македонија под раководство на коалицијата ЗНАМ–ВМРО–ВЛЕН. Овој извештај, велат од партијата на Ахмети, потврдува токму она на што ДУИ со месеци предупредува: државата се претвора во експериментален терен за најдеструктивните антизападни влијанија на континентот.
„Според извештајот, Северна Македонија станала отворен терен за руската пропаганда, за нетранспарентното економско влијание на Кина и за пренесување на овие влијанија преку политички и медиумски мрежи поврзани со концептот на „српскиот свет“. Унгарија и Србија играат улога на посредници, зајакнувајќи го авторитарното присуство и поткопувајќи го евроатлантскиот пат на земјата. Пропагандата против Европската Унија, која се шири преку домашните медиуми, ја злоупотребува идентитетското прашање за да го прикаже интегративниот процес како закана, а не како надеж.
Дополнително, извештајот отвора загриженост за постоење на стари мрежи од тајните служби, кои можат да бидат инфилтрирани и поврзани со странски интереси.
Наместо сериозен одговор, оваа Влада молчи. Наместо да го брани институционалниот суверенитет и западната ориентација на државата, таа дозволува Северна Македонија да тоне во изолација и инструментализација“.
Ова, како што оценуваат од ДУИ, е резултатот кога власта им се предава на туѓи агенди, додека се занемаруваат најважните партнери на државата – Европската Унија и НАТО.
ДУИ алармира, патот што го следи оваа влада е пат на изолација, институционално заробување и поткопување на демократскиот поредок. Како што истакнуваат, иднината на нашите граѓани не лежи во зависноста од авторитарниот Исток, туку во целосната интеграција во европското семејство, со силни институции, транспарентна економија и одржлив мир.
Македонија
Зачуван статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на прес-конференција во Владата информираше дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван.
„Задоволство ми е да ве информирам дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван. Овој успех е резултат на активна, посветена и координирана дипломатија, во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница. Заедно покажавме дека кога постои јасна волја, координација и одговорен пристап – резултатите се неминовни.“
Министерот истакна дека уште од првиот ден, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, активно се вклучиле во процесот. „Водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме заеднички позиции со државите-членки на Комитетот за светско наследство.“
Тој укажа на состојбата која беше затекната: „Неопходно е отворено да се посочи дека ситуацијата што ја наследивме беше резултат на години запоставување, неодговорно управување и изостанок на суштински мерки од страна на претходната влада. Наместо превенција и одговорност, оставија проблем што бараше итно решавање. Нашиот пристап беше поинаков – не декларативен, туку посветен и фокусиран на резултати.“
Муцунски потенцираше дека зачувувањето на статусот е само прв чекор: „Свесни сме дека пред нас стои обврската да обезбедиме долгорочна заштита, одржливо управување и повторно да ја изградиме довербата во институциите и капацитетот на државата да се грижи за своето највредно природно и културно наследство.“
Во завршницата, тој упати благодарност: „Дозволете ми искрено да се заблагодарам на тимот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија – за нивната стручност, пожртвуваност и тивка, но клучна работа зад сцената. Токму таа работа придонесе за одлука што значи многу за нас како држава.“