Македонија
Нефи Усеини и брат му се во бегство, полицијата трага по нив за да ги спроведе во притвор

Охридскиот обвинител побарал, а судот одобрил, осум дена притвор за советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини, и за брат му Ибро Усеини, поради нападот на нивниот сограѓанин Спире Топалоски.
И двајцата се во бегство, а мерката ќе биде активирана кога тие ќе бидат пронајдени. Од Обвинителството велат дека мерката е побарана по сите три основи, со цел непречено спроведување на постапката против браќата Усеини.
„Мерката е побарана по сите три основи, односно можноста за повторување на делото, влијание врз сведоци и бегство“, велат оттаму.
Полицијата веќе изврши претрес во домовите на осомничените, но не ги пронајде нив бидејќи и двајцата се во бегство. Исто така, одземени се и снимките од објектот каде што се случил инцидентот, а од нив е констатирано дека бил употребен пиштол во нападот на Топалоски.
Нападот на Топалоски се случи пред два дена пред познат охридски хотел. Според сведочењето на нападнатиот, Усеини заедно со брат му и уште две лица првин му извадил пиштол нему и на неговото малолетно дете за потоа со оружјето да го удираат по главата.
Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини.
Тој во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.
Охридскиот советник е ослободен од еден случај – за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази, кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид.
Обвинителството изјави дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.
Инаку, по повеќе од година, сите предмети отворени против Усеини во охридското Обвинителство тапкаат во место. Од таму последно изјавија дека поради пандемијата, обвинителите работат само на итните случаи, а предметите што се во редовна постапка, како оние за Усеини, ќе се разгледуваат во наредниот период кога ќе се врати нормалното работење на Основното јавно обвинителство Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.