Македонија
„Не заборавајте дека нашите деца си заминаа поради партиите, дојде време да избираме децата или партиите“: се огласија кочанчани
Дојде време да избираме децата или партиите. Живееме во време кога луѓето повеќе веруваат во партиите отколку во самите себе. Ги бранат како да се нивно семејство, се караат со пријатели за нив, ги оправдуваат нивните грешки како да им должат нешто. Но, дали некогаш сте се запрашале што добивате за таа лојалност?
Политичарите се менуваат, партиите доаѓаат и си одат, но нашите проблеми остануваат исти, пишува во објавата на „Фејсбук“ на групата „Кочани“.
Во напишаното, како што додаваат, патиштата се распаѓаат, болниците се без основни услови, институциите не функционираат, а животот станува сѐ потежок.
„И секогаш слушаме едно исто ‘Кога ќе дојдеме ние, ќе биде подобро’. Но, дали некогаш навистина стана подобро? Проблемите не се нови, но никој не ги решава.
Зошто требаше да се случи трагедија за да се сети целата држава дека Кочани постои? Граѓаните пред само неколку месеци протестираа 19 дена без прекин барајќи конечно решение за депонијата. Им беше ветено дека ќе се донесе одлука да не се носи отпад од други општини. Ветувањето беше дадено, беше изгласано, но што се случи? На празникот Свети Никола, со полициска придружба, отпадот повторно беше фрлен на истата депонија.
Министерот за животна средина не дојде да ги слушне граѓаните. Пратеникот од Кочани ниеднаш не застанаа пред јавноста да бара решение за своите сограѓани. Истото ова се случува и со други проблеми и сѐ додека не дојде некоја трагедија, институциите се глуви.
Додека ние чекаме, тие се грижат само за себе“.
Додаваат дека додека граѓаните чекаат промени, политичарите си ги решаваат личните проблеми.
„Кога треба да се изгласа нов закон за привилегии, нов службен автомобил или покачување на платите, нема поделби, нема кавги. Сите се сложни. Секогаш има пари за нивните потреби, но за основните барања на народот нема буџет.
Во меѓувреме, здравството е пред колапс. Болниците со години не се реновирани, немаат доволно опрема, а условите се катастрофални. Брзата помош функционира со стари и дотраени возила, најчесто добиени преку донации. Противпожарните единици работат со застарени камиони и недоволен број луѓе.
Патиштата во државата стануваат сѐ поопасни, дупките не се крпат, а кога ќе се случи несреќа, виновни се граѓаните, а не институциите кои не ја завршиле својата работа.
Во Кочани, како и во многу други градови, се гради неконтролирано. Секој агол е претворен во градилиште, а никој не знае колку безбедно се градат тие згради. Трговскиот центар во Кочани е блокиран од доградби, а никој не поставува прашање што ако таму се случи несреќа? Кој ќе одговара?“, прашуваат.
Според нив, време е да сфатиме дека партиите не се државата.
„Граѓаните се тие што плаќаат даноци, што ги полнат буџетите, од кои живеат политичарите. Но, додека народот се кара кој политичар е ‘подобар’, сите тие си седат во удобните фотелји и ги уживаат своите привилегии.
Ако сакаме промена, треба да разбереме дека нема наши и „нивни политичари, сите се таму за да работат за нас, а не обратно. Кога последен пат сте виделе функционер да биде сменет затоа што не си ја завршил работата? Кога последен пат некој одговарал затоа што ветил, а не исполнил?
Додека не почнеме да бараме одговорност, додека дозволуваме да нѐ делат на нивни и наши, ништо нема да се смени. Секогаш кога ќе гласаме за лични интереси наместо за општо добро, ќе добиваме ист резултат.
Системот нема да се промени, сами ние сме системот. Ако почитуваме закони, ако не даваме мито, ако не прифаќаме празни ветувања, тогаш нешто ќе се промени. Но, додека веруваме дека некоја партија е поважна од нашите сопствени права, тие ќе продолжат да нѐ користат.
Време е да се запрашаме дали сме подготвени да се промениме самите ние и да почнеме да се почитуваме меѓусебе или ќе бидеме само навивачи на партии што никогаш нема да се грижат за нас?
Никогаш не заборавајте дека нашите деца си заминаа поради партиите. Наместо да ги гушнете и да се борите за нив, вие ги избравте партиите, што упорно ги гласате 33 години. И никогаш не си признавте, заминаа затоа што немавте храброст да им се спротивставите на партиите.
Ова е став на админите на оваа страна“, стои во објавата на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.

