Македонија
Не можам да си најдам вина во обвинението, им рече ексминистерката за култура на судиите
Ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, рече дека не се чувствува виновна, заедно со уште двете други обвинети – Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова-Цветковска.
„Го разбирам тоа што е напишано, но не можам никаде да најдам каде има злоупотреба во обвинението“, рече Канческа-Милевска пред Судискиот совет. И второ и третообвинетата изјавија дека не се виновни. Обвинителот на СЈО, Стефчо Донев, даде воведен збор по што почна главната расправа за случајот „Тендери“.
Претходно судот им ги одби сите приговори на адвокатите на обвинетите. Со одлука на судот вештачењето на специјалното јавно обвинителство ќе биде доказ против обвинетите за случајот со изградбата на Музејот на ВМРО. Судијата Осман Шабани рече дека Советот за оценка веќе се произнел за обвинението во кое се содржани и околностите за вештачењата на СЈО. Петте бомби остануваат во судот, обвинетите нема да ги добијат, можеле во истрагата да ги слушаат и може во секое време да ги преслушуват во судот, рече судијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.

