Македонија
Не постои правен основ за разрешување на претседателката на Судскиот совет, реагира групата за реформи во правосудствотото „Блупринт“

Невладините организации, кои се дел од групата за реформи во правосудството „Блупринт“ изразија загриженост од вчерашните тензични настани во Судскиот совет на Северна Македонија кога на седницата беше разрешена претседателката Весна Дамева. Според групата „Блупринт“, ниту во законот ниту во Деловникот на Судскиот совет нема предвидено постапка за разрешување на претседател на оваа институција и побараа од членовите на Советот да го преиспитаат своето постапување.
„Групата за реформи во правосудството ‘Блупринт’ ја изразува својата загриженост за ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет на РСМ, која заврши со разрешување на претседателката на Советот. Како група, која подолго време ја следи работата на Судскиот совет, сметаме дека почитувањето на законот при секојдневното работење на една институција треба да се императив во нејзиното работење, а особено кога станува збор за Судскиот совет, кој ги обезбедува и ги гарантира самостојноста и независноста на судската власт во согласност со Уставот на РСМ, како и да води сметка за законитоста во постапувањето и за владеење на правото. Изненадени сме од постапувањето на одредени членови на Судскиот совет на РСМ, кои инсистирале на внесување точка на дневен ред и истовремено одлучување по неа, без притоа да се почитува Законот за Судскиот совет од причина што законодавецот во законот не предвидел постапка за разрешување на претседател на Судскиот совет.
Во оваа насока би сакале да укажеме дека недоволното регулирање одредени законски одредби не значи и несоодветно постапување, односно произволно толкување на постојните одредби. Одговорноста на член на Судскиот совет е предвидена во Законот за Судскиот совет, со конкретни одредби за дисциплинска одговорност на член на Судскиот совет, со наведување на основите за поднесување барање за дисциплинска постапка за член на Советот. Понатаму, предвидена е и постапката за одлучување по барање за поведување дисциплинска постапка за член на Советот. Но, во ниту една одредба од законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судскиот совет или за разрешување член на Судскиот совет по друг основ, освен кога се работи за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така, сакаме да укажеме дека ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседателот на Судскиот совет на РСМ, што значи дека правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет на РСМ не постои. Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот.
„Блупринт“ како член на работната група што ја подготвува новата стратегија за развој на правосудството токму укажа на овој недостиг и ја посочи потребата од регулирање на самата постапка на одговорност на член на Судскиот совет.
Доколку интенцијата била да се разреши претседателката на Судскиот совет користејќи ја аналогијата за разрешување судија, сепак самиот чин на разрешување е спорен од причина што Законот за Судскиот совет на РСМ предвидува дека за разрешување судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниот случај гласале 7 члена, без претходна дискусија и без запазување на постапката, која се применува за разрешување судија“, стои во соопштението на групата за реформи во правосудството „Блупринт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсен кичевец, со секира ги нападнал родителите, таткото починал

Утрово полицијата во Кичево го уапси Е.А. (48) оти со секира ги нападнал родителите и си го убил таткото.
„Околу 07 часот во ПС Кичево од Итната медицинска помош Кичево, било пријавено дека кај нив се јавил Е.А. и кажал дека во семејната куќа во с. Србјани со секира ги нападнал неговите родители. Со возило на Итна медицинска помош двете лица се пренесени во Медицинскиот центар Кичево, каде У.А.(74), татко на сторителот, им подлегнал на повредите а Ф.А.(67), мајка на сторителот, е во неконтактибилна состојба. Е.А. е лишен од слобода и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава“, извести Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Секаде во светот училиштата се користат за учење, а СДС во Струмица ги користи за партиски состаноци, обвини ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини Социјадемократслиот сојуз (СДСМ) за партиски состаноци во училиште во Струмица.
„СДС продолжува да докажува како тие ја користат власта, онаму каде што останаа власт. СДС продолжува да докажува дека нема желба за промена, туку дека им одговара терминологијата – „како до сега”.
Во Струмица, каде што градоначалник е Костадин Костадинов, од редовите на СДС и близок човек на Заев, ја искористува општината за партиски цели.
Во општинско училиште во Струмица, партиските структури на СДС си одржуваат состаноци. На фотографии кои се веќе во јавноста, јасно се гледа дека училиштето е специјално отворено во доцните часови, за активисти на СДС да имаат состанок.
Ова е уште еден доказ за лошото владеење на СДС. Ниту сакаат, ниту имаат желба за промена. Ова е вистинското лице на СДС кое за жал ја упропасти државата во минатото.
СДС ја сака власта исклучиво за партиски цели“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Венко демантира поседување виза, Филипче признава дека бојата на визата е златна

Откако пред неколку недели, Венко демантираше дека имал златна виза во Дубаи, Филипче сега веќе си признава дека имал златна виза, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко прво рече дека нема виза, па Филипче рече дека имал виза. Венко рече дека визата му била обична како и на обичен граѓанин, па Филипче призна дека визата била златна. Венко рече дека златната виза не му била поврзана со Дубаи, па Филипче рече дека била за преговарање со болница. И Венко и Филипче, јавно треба да му одговорат на македонскиот народ. Како се добива златна виза за преговори? Зошто визата ја криел? Зошто нема ниту еден доказ за постоење на каква било приватна болница поврзана со него? Во кое својство преговарал – како министер, пратеник, партиски функционер или приватен бизнисмен? Доколку визата не е заради инвестиции, тогаш за што е? И што точно е ставено на „стенд бај“ – некоја болница или нечија совест?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека македонското здравство тонеше, според ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче во Дубаи преговарал за „приватни’’ потреби.