Македонија
„Не престануваме дури и по цена да не земеме плата“, Фондот за здравство спремен да не исплати никого ако се намалат нивните плати
Сите подрачни единици на Фондот за здравствено осигурување во земјата од утрово прекинаа со секаков вид исплата. Штрајкуваат поради препораката на Владата да им се намалат платите 21 отсто. Шалтерите ќе останат затворени и нема да се работи на пресметки за исплата на плати во јавното здравство, капитации за матичните лекари, а нема да се реализираат ниту новите варботувања и преместувања во здравството сѐ додека Владата не донесе нова препорака, со која ќе овозможи платите на вработените во Фондот за здравство да останат на сегашното ниво.
„Доколку не се донесе ваква одлука, да знаете дека вработените се толку револтирани што штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата. Во моментот таква е ситуацијата. Во моментот вработените во Фонд за здравство немаат плата и не може да земат сѐ додека не се донесе одлука од Управниот одбор. Прифаќаме само да ни остане платата на ова ниво. Ништо друго, ни цент помалку не прифаќаме. Доколку, пак, се намалат платите, штрајкот продолжува. Мене ми е жал што власта нема слух. Овој штрајк е по вина на власта и најтажно од сѐ е што страдаат граѓаните. Страдаат оние на кои најмногу им треба буџетот од Фондот за здравство. Доколку власта не се вразуми, штрајкот само ќе продолжи и ќе стане поригорозен“, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Штрајкувачите апелираат Владата на утрешната седница да стави точка на дневен ред и да го разгледа нивното барање за што веќе испратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери. Бараат да донесат нов заклучок со препорака вредноста на бодот од 77,16 денари да остане иста до крајот на оваа година.
Претседателот Деаноски вели дека е лага соопштението од Министерството за финансии дека ако не се намалат платите на вработените во Фондот, ќе нема пари за лекови за граѓаните.
„Апелирам до Министерството за финансии и кој и да го напиша она соопштение дека доколку се исплатат повисоки плати, нема да има лекови за граѓаните, да не се случи уште еднаш такво нешто. Да не се лаже јавноста бидејќи не личи државен орган, министерство, да си игра со емоциите на граѓаните и да ги лаже дека нема пари во Фондот за здравство. Сме кажале многупати, Фондот за здравство е институција со најголем буџет во државата и Фондот за здравство секогаш има пари. Ќе има пари и да останат овие плати на вработените како што тоа го договоривме со менаџментот на Фондот за здравство. Граѓаните да бидат спокојни – ќе има лекови и помагала за сите“, рече претседателот Деаноски.
Претседателот на Синдикатот на Фондот, Бранко Аџигогов, вели дека утрово од почетокот на штрајкот немало никакви инциденти и проблеми со граѓаните и оти граѓаните се свесни за нивната ситуација. Добиле поддршка од сите синдикати во здравството и покрај тоа што токму исплатата на платите на здравствените работници е стопирана поради штрајкот.
„Граѓаните да не се мачат воопшто да доаѓаат за барање за рехабилитација, барање за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, барања за надомест на породилно, барања за исплата на надомест за боледувања, барања за осигурување во странство за двојазичните обрасци и така натаму. Во другите служби, со прекинувањето на работата, во моментот не се врши никакви исплата, ниту се обработуваат податоци за цело здравство, за сите што имаат договор со нас. Тоа е јавно здравство и огромен дел од приватното здравство. Прекинати се сите активности за договорите за вработувања во јавното здравство, префрлувањата на договорите за јавно здравство и на оние на кои треба да им се трансформира работниот однос“, вели претседателот на Синдикатот на Фондот, Аџигогов, и нагласува дека иако сега треба да се прават пресметките за исплата на плати во јавното здравство, засега сѐ е стопирано.
Шалтерите на Фондот за здравство се отворени само за пријава на малолетно лице како член на осигурување, за регулирање на осигурување хоспитализирано лице и за лекување во странство на итни случаи, а работат и комисиите за боледувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

