Македонија
(Видео) Не се плаши од Спасовски, но Пендаровски сега не размислува за втор претседателски мандат

Претседателот на државата Стево Пендаровски чиј мандат истекува следната година, во овој момент не размислува за втор мандат. Одговарајќи на новинарско прашање дали му е страв од можноста за претседател да биде поддржан неговиот сопартиец, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Пендаровски рече дека ако некој има страв тогаш ќе остане дома да гледа телевизија.
„Сега не размислувам за втор мандат, во овој момент не. Ако имаш страв во животот не се впушташ во ниедна работа, не само во политиката. Најбитно е да немаш не страв од некого, да имаш доверба во себеси. Ако самиот се чувствуваш подготвен, не постои толку голем страв од некој опонент потенцијален кој може да те инхибира и да останеш дома и да гледаш телевизија“, рече претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција за потпишувањето на законите за олеснување на проектот на „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д.
Со потпишувањето на измените на законите Пендаровски не смета дека си обезбедил поддршка од ДУИ и СДСМ за претседателските избори. Нагласи дека во изминатите четири години во неколку наврати за битни прашања не се согласувал со Владата или со партиите од Владата кои го поддржале и во 2014 и во 2019 година, но никогаш не калкулирал со поддршка.
„Слушам дека некои размислуваат и во една слична насока, дека ‘Бехтел и Енка’ се во позадина сега, дека ако јас потпишам, ќе ја добијам поддршката на Америка и обратно. Тоа се детски анализи и немаат втемеленост во реалноста. Никогаш не сум разговарал на таков начин. Ако е нешто во прилог на граѓаните, го потпишувам сосема небитно кој го предлага до мене. Ако е спротивно на нивните интереси, не знам кој да се јави, не може да ми влијае. Мислам дека неколку пати тоа сум го кажал, од фамозната прес- конференција летото 2019, кога беше апсен специјалниот јавен обвинител, до денеска, законот за илегални градби, да нема праг за евентуалниот изборен модел каде што би можеле и помалите партии да влезат во Парламентот. Мислам дека на многу инстанци сум покажал дека размислувам со своја глава“, рече претседателот Пендаровски.
Тој денес извести дека ќе ги потпише петте измени на законите со кои на американско- турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се олеснува изградбата на коридорите 8 и 10 д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Џафери поднесе Предлог Деловник за работа на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го поднесе во редовна собраниска процедура Предлог Деловникот за работа на Собранието, кој што е производ на повеќегодишна посветена работа на учесниците во процесот на Дијалогот Жан Моне кој што е заеднички процес на Европскиот Парламент со Собранието.
Во Предлог Деловникот е предвидено одредбите да почнат да се применуваат од наредниот пратенички состав што всушност придонесе многу во донесувањето на непристрасни решенија со консензус и за пратениците од власта и за пратениците во опозиција.
Предлогот е веќе доставен до пратениците во писмена и во електронска форма а ќе биде предложен за прво читање како дополнение на дневниот ред на 127. пленарната седница закажана за 3 октомври 2023 година.
Македонија
Doctor Sauer ZOO Fest во Скопје ЗОО

Оваа сабота, со почеток од 12 часот, Скопје ЗОО прославува 97 години од постоењето како најстара зоолошка градина на Балканот.
„На Doctor Sauer ZOO Fest ве очекуваат жонглери, акробати, едукативна работилница и слатки задоволства – подароци за најмалите посетители. Се гледаме во 12 на Халки-бината во Скопје ЗОО“.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје поради велосипедската трка

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре (сабота), со почеток од 15 часот, поради одржување на велосипедската трка „Куп на град Скопје 2023“, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на град Скопје.
Трасата на движење ќе почне на улицата Димитрије Чуповски кај Порта „Македонија“, право по улицата 11 Октомври кон зградата на Собранието до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, па лево по улицата Филип Втори Македонски до влезот на Градскиот трговски центар, потоа се поминува под Градскиот трговски центар и се доаѓа до Порта „Македонија“, каде што се продолжува право по улицата Димитрие Чуповски сè до крстосницата со улицата Даме Груев кај ТЦ „Палома Бјанка“ и назад по улицата Димитрие Чуповски сè до стартно/целната позиција.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што сообраќајот ќе се пренасочува на околните сообраќајници. MВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива трката.