Македонија
Не демонизирајте ја интеграцијата на Албанците, не мора конзулите да имаат високо дипломатско звање, рече Османи

Вчера, Синдикатот на вработените во дипломатска служба излезе со обвинувања дека се крши законот со упатувањето на конзулот во Њујорк, обвини за непрофесионализам.
„Обично не го коментирам Синдикатот, туку го поттикнувам на синдикатски активизам во одбрана на правата на вработените, но многу сум осетлив кога во тоа гледам елементи на етничка дискриминација, која, како се приближуваат изборите, добива вознемирувачки димензии. Затоа мојата реакција беше жестока и ќе биде жестока“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што рече министерот, тој во изминатиот период предложил, а Владата одобрила четворица конзули, од кои двајца не биле Албанци и двајца воопшто не биле од МНР.
„Тие не беа спомнати. Беа спомнати само тие каде што прочитаа име на Албанци. Тоа ме вади од кожа, ги вади сите од кожа. Не демонизирајте ја интеграцијата на Албанците, тоа е најдоброто нешто што ѝ се случило на оваа држава. Нема да дозволам дебата, каде што основен елемент на синдикалното организирање е етничката дискриминација. Тука ќе ја прекинам таа дебата. Делот од законот што предвидува високо дипломатско звање за конзули е сменет во 2015 година по предлог на тогашниот министер. Тој став од законот е избришан, така што не е обврска во критериумите за конзули тие да имаат високо димпломатско звање“, изјави Османи.
Тој додаде дека врз основа на тоа решение се испратени и претходни конзули.
„Сегашниот конзул, кој штотуку се врати од Солун, е исто така на тој начин пратен, врз основа на тоа законско решение. Меѓутоа, тогаш немало реакција, немаше реакција ниту за оние што воопшто не се дел од МНР. Никој не ги спомна другите политички решенија. Нема да дозволам етничката припадност да биде основа за синдикално организирање“, рече министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.