Македонија
Николовски: Имаме јасно решение на проблемот со продолжувањето на договорите, со земјоделците праќаме порака веднаш да се донесе Законот за земјоделското земјиште
Во Свети Николе министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски одржа средба со земјоделците од здружението Овчеполски фармер.
На средбата земјоделците со министерот Николовски разговараа околу продолжувањето на договорите за закуп на земјоделското државно земјиште, презентирајќи ги решенијата што министерството ги подготви за решавање на овој проблем.
„Најпрво, лага е дека овие договори можат да бидат продолжени со потпишување анекс на договорот, бидејќи за тоа не постои законска можност. Срамна лага, со која се манипулираат земјоделците, е дека договорите на земјоделците се раскинати и им е одземено правото на владение. Напротив, ниту еден договор не е раскинат, ниту пак има донесено некое решение за раскинување, ниту пак е одземено нечие право на владение.Секогаш имаме решение за сите предизвици кои ги имаат земјоделците. Ние како министерство сме на страната на земјоделецот и постојано директно од терен разговарајќи со земјоделците, ги слушаме проблемите и заедно ги решаваме, добиваме нови идеи и заедно креираме нови мерки“, истакна министерот Николовски.
Како што посочи, предложени се измени на Законот за земјоделското земјиште, каде се предвидува можност земјоделците кои што имаат истечен договор, во перидоот на изборниот процес, да не бидат избришани од ЕРЗС системот.
„Ваквите предложени измени на законот се веќе доставени до Собранието, но истите се блокирани од страна на претседателот на собраниската комисија за земјоделство, кој предложените измени не ги става на дневен ред за разгледување на комисијата. Дополнително, извршена е веќе измена на Уредбата за директни плаќања овозможувајќи непречено право на субвенции кон сите земјоделци врз основа на старите договори за закуп, а нивното продолжување би следувало веднаш по изборите. Продолжувањето на договорите на овие земјоделци би се извршило не на 5, туку на 15 години по иста цена на закуп како досегашниот договор. Токму овие две работи како можност за земјоделците доаѓаат преку претходните измени во Законот за земјоделското земјиште, токму предложени од страна на земјоделците од светиниколско. Решението е подготвено и чека усвојување од Собранието. Ве повикувам заедно со мене, рамо до рамо, да се избориме и овој проблем да го решиме. Да направиме заедно притисок до сите оние кои го блокираат ова решение, што е во ваш интерес. Да успееме заедно да ги задржите земјоделските земјишта и да ги добиете заслужените субвениции“, истакна министерот Николовски.
Министерот Николовски и земјоделците, на средбата, заеднички одлучија да потпишат заедничка петиција, преку која се бара собраниската комисија за земјоделство, веднаш да ги разгледа и усвои до 3 април измените во Законот за земјоделското земјиште.
Пред земјоделците министерот Николовски даде збор дека во следните два и пол месеци договорите ќе бидат продолжени, нагласувајќи дека на ова прашање секторите во министерството овие денови посветно работат со целиот капацитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

