Македонија
Николовски: Корупцијата и криминалот не познаваат граници

Вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, преку видеообраќање на посебната седница на Генералното собрание на Организацијата на обединети нации против корупција – 2021, посочи дека врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија е борбата против корупцијата. Ова, како што рече Николовски, беше докажано и со воведувањето на новата функција во Владата, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.
„Борбата против корупцијата е клучен приоритет во владината рамка ‘Акција 21’, и тоа е резултат на нашата силна определба за воведување систем кој генерира и испорачува правда, правна држава, ред и поредок. Нашата политичка волја и напори за спречување на корупцијата е јасна и недвосмислена. Преку спроведување и имплементација на Конвенцијата на Обединети нации против корупцијата, како и преку Планот на Владата за борба против корупција, создаваме општество во кое нема да има место за корупција, општество во кое се почитуваат правото и заштитата на човековите права за секој граѓанин. И тоа е нашиот влог во иднината, за подобар живот и за просперитетна држава со силни институции“, рече Николовски.
„Корупцијата и криминалот не познаваат граници, и мора да бидеме единствени во заложбите кои ги преземаме на Генералното собрание на Обединети нации, а кои се пренесуваат во целиот свет. Ова е заедничка инвестиција, со која ќе изградиме подобар свет за сите нас“, посочи Николовски.
Тој потенцираше дека Северна Македонија за првпат донесе План за борба против корупцијата, составен од системски мерки, за длабоки реформи во општеството, кој се заснова на неколку столба – дигитализација, механизми за проверка на имот и капитал, конфискација на нелегално стекнат имот, транспарентност, подигање на свеста на граѓаните за пријавување корупција, високо ниво на интегритет и етички стандарди за носителите на јавни функции.
Николовски истакна дека Конвенцијата на ООН против корупција испраќа јасна порака дека целата меѓународна заедница е одлучна да води бескомпромисна борба против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средба со шефот на ОБСЕ Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.
Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт.
Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено затоа што во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед.
Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта.
Соговорниците се согласија да се продолжи со натамошна соработка.
Македонија
Средба Џафери – Гир

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили и координаторите на пратеничките групи застапени во Собранието, Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Сурија Рашиди одржаа работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ-агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг-процесот и напредокот на дијалогот „Жан Моне“, а соговорниците се осврнаа и на уставните измени.
Заеднички беше оценето дека градењето доверба и добрата соработка меѓу партиите во Собранието не е важна само за успешна реализација на реформите врзани со евроинтеграцијата, туку дека и оваа соработка е важна бидејќи ја обликува политичката култура во земјата.
Беше договорено вакви средби да се одржуваат на редовна основа со цел да се разгледа одблиску напредокот на државата на патот кон Европската Унија.
Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата фејсбук-објава.
Муцунски во својата објава потенцира дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку дена тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.