Македонија
Николовски: Никој не смее да биде над законот, мора да постои ред и истиот да се почитува

Ќе се избориме за функционален систем и фер општество, затоа што на овие и на идните генерации мора да им покажеме решителност и одлучност дека сме подготвени во следните 4 години да ги промениме работите дома, порача заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на денешниот брифинг со новинари.
Вицепремиерот на брифингот посочи дека антикорупцискиот систем го сочинуваат повеќе институции и јавни органи, а неговата нова владина функција ќе игра координативна улога во насока на зголемување на нивната ефикасност и меѓусебна соработка во полза на граѓаните.
„На овие генерации мора да им покажеме решителност и одлучност дека сме подготвени во следните 4 години да ги промениме работите дома. Од менталитетот и тоа дека не треба сè преку врски и протекции да се прави, па понатаму. Дека може да одат по регуларен пат низ системот, без главоболки, туку со целосно остварување на своите права. Огромен е просторот на кој треба да се работи на полето за борба против корупцијата, од високата корупција до она што се случува на најниско ниво. Сето тоа е причина за разочараност кај младите и причина за недовербата што треба да ја вратиме“, изјави Николовски.
Притоа, Николовски посочи дека веќе се остварени првични координативни состаноци со дел од органите на антикорупцискиот систем, со експерти од областа и со меѓународните партнери. Во периодот кој следува ќе продолжат овие активности на запознавање и усогласување на ставовите и принципите на работа. Николовски потенцираше дека ќе се работи на воспоставување интензивна меѓуинституционална соработка, бидејќи, како што изјави, само така можат да се постигнат позитивни резултати во делот на превенирање и борба со корупцијата и криминалот. Притоа, Николовски најави дека ќе се зајакнуваат капацитетите на ДКСК и на Државниот завод за ревизија.
Николовски додаде дека во тек се и активности со цел реорганизација на јавната администрација, што пред сè подразбира кратење на бројот на органи, т.е. оние кои немаат своја улога и имаат ингеренции кои се преклопуваат со останати тела, да се спојат со истите или укинат.
Во однос на годините кои следат, процесите од ЕУ-интеграцијата и проблемот со човечкиот капацитет, тој изјави: „Треба да извлечеме максимум од потенцијалот што го имаме. Лично во кабинетот очекувам неколку луѓе, меѓу кои и такви кои напуштаат значајни позиции надвор од државата што се исклучително добро платени за да дојдат да работат во мојот кабинет во Владата. Тоа се луѓе кои немаат врска со партија или политика! Така ќе ја вратиме довербата на младите, да дадеме шанса да дојдат и заедно да одработиме во корист на граѓаните”.
Вицепремиерот Николовски потенцираше дека државната функција е привилегија, но и должност. Тој порача дека никој не е и не смее да биде над законот, и мора да постои ред и истиот да се почитува со одговорност од оној кој сторил казниво дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.