Македонија
Николовски од Тирана: Продолжуваме да ја продлабочуваме соработката меѓу Северна Македонија и Албанија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, придружуван од заменик-министерот Абдулшуќур Абедини, и државниот советник, Трајан Димковски, денес оствари работна средба со Фрида Крифца, министерка за земјоделство и рурален развој на Албанија.
Иницијативата за отворен Балкан ја зајакнува соработката меѓу двете држави и им овозможува на нашите земји да ја олеснат и развијат меѓусебната трговија со растенија и растителни производи за што двајцата министри констатираа дека одлично се спроведува. Двајцата министри разговараа за унапредување на соработката меѓу државите за трговска размена на производи од животинско потекло преку заедничка анализа и меѓусебно признавање на сите потребни сертификати со цел зголемена трговска размена на овие производи. Во рамките на иницијативата за отворен Балкан работната група за земјоделство ќе одржи состанок од 12 до 13 мај 2022 година во Тирана.
Република Северна Македонија и Република Албанија имаат одлична меѓусебна соработка, потенцираа на средбата двјацата министри. Секоја средба е можност за дополнително унапредување на соработката меѓу двете држави, можност за размена на искуства во областа на земјоделството и за олеснување на трговијата со земјоделско-прехранбени производи.
Потпишаните билатерални и мултилатерални договори меѓу двете земји се доказ за нашата соработка овозможувајќи им на граѓаните во двете земји соработка во сите области од општественото живеење.
Министерот Николовски на средбата ја истакна важноста на договорот за фитосанитарна соработка, потпишан помеѓу двете држави во октомври 2020 година.
„Фитосанитарната и ветеринарната соработка е интензивна меѓу надлежните служби на нашите земји и се одвива не само билатерално, туку и во рамките на договорот за слободна трговија, како и во рамките на иницијативата за отворен Балкан. Фитосанитарните и ветеринарните служби на Северна Македонија во неколку наврати им дадоа поддршка на своите колеги Албанци во усогласувањето на законските и подзаконските акти од областа на ветеринарните и фитосанитарните прашања, со постојните прописи во Северна Македонија, кои се веќе усогласени со европските регулативи“, потенцира министерот Николовски.
Резултатите од договорот за фитосанитарната и ветеринарната соработка како успешни ги оцени и министерката за земјоделство и рурален развој на Албанија, Фрида Крифца, потенцирајќи ја благодарноста до министерот Николовски за поддршката во усогласувањето на законските и подзаконските акти од областа на ветеринарните и фитосанитарните прашања.
Министерот Николовски истакна дека во јули заедно со ФАО ќе се организира Конференција за консолидирање на фрагментирано земјоделско земјиште во Битола, кое е успешен пример за консолидирање на земјоделското земјиште.
Спогодбата за заедничко одржливо управување со риболовот во Охрид и Преспа, истакна министерот Николовски, ни овозможува заеднички да се грижиме за сите прашања поврзани со долгорочно одржливо управување со двете езера, како и одржливо користење и заштита на рибните резерви. Додавајќи дека очекува кај нас набрзо да се одржи и конститутивната седница на заедничкиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.