Македонија
Николовски прогласи победа: ВМРО-ДПМНЕ од денеска нека си бара ново раководство

„Победа, победа, победа“, вака прес-конференцијата ја започна генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој кажа дека од вечерва „Можеме“ е победничка коалиција. Според Николовски, на 75 отсто од обработените податоци, јасно е дека СДСМ и коалицијата победуваат на изборите.
„ВМРО-ДПМНЕ и скапата бела палата ќе треба да си бараат ново раководство. Коалицијата ‘Можеме’ според податоците на Централниот изборен штаб, во овој момент, во растечки тренд води со два мандати. Трендот е растечки и ги добиваме и новите информации. Ја имам таа чест како шеф на изборниот штаб да прогласам победа на мојот СДСМ и оваа најголема коалиција. После цели 18 години прогласуваме победа на парламентарни избори со сигурно водство. Во првата изборна единица од 1 со можност на зголемување на бројот на пратеници. Со изедначена битка и со сигурен 10/10. Од третата изборна единица од 1 со можност за зголемување на бројот на пратеници. Со изедначена битка и со сигурен 10/10 во третата изборна единица. И со водство во шестата изборна единица, со тоа што ги очекуваме дополнително резултатите кои се обработуваат. Имаме сигурна, убедliva победа од граѓаните во Битола со над 1.000 гласа, во Куманово со над 3.500 гласа, во Центар над 4.100 гласа, во мојата Крива Паланка со над 2.500 гласа. Ресен над 1.000 гласа. Крушево, Дебар, Долнени, Лозово, многу други општини во сите изборни единици каде граѓаните јасно ја упатија поддршката. Солидна предност и победа имаме во Прилеп и во Берово. Над 1000 гласа победа во Делчево. Победа во Кочани. И да не ги редиме сите останати општини и градови каде граѓаните го поддржаа концептот на коалицијата. Очекуваме ваквиот тренд да расте. Ова покажува дека нашите политики, нашиот одговорен и сериозен пристап, уште еднаш се вреднувани и потврдени, препознаени од граѓантие. Тие го казнија ВМРО-ДПМНЕ затоа што сакаше да донесе опасност“, рече Николовски.
Според него, резултатот досега е потврда на храбрите одлуки носени од Владата и претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изминативе години.
„Негативното деструктивно, незрело и опасно однесување на ВМРО-ДПМНЕ е повторно казнето од граѓаните. Ги слушам од ВМРО-ДПМНЕ и се чудам. Почнаа со информации дека водат со осум, па дека водат со шест пратеници. А сега брифираат дека водат со еден пратеник. Како и да е, за еден час ќе мора да излезат пред граѓаните и јавноста. Во текот на целата кампања кажував и нотирав дека овој 15 јули не само што ќе биде добар, затоа што ќе се потврди овој европски пат и ќе биде обезбедена сигурноста и иднината на сите генерации, туку тој 15 јули ќе се памти како добар ден за ВМРО-ДПМНЕ, таму нека почнат реформите, нека дојдат други луѓе. Нека дојдат чесни луѓе. СДСМ стана оваа година најмодерна, најбрза и најевропска организација и структура, што денес се покажува и потврдува“, додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.