Македонија
Николоска: Oвозможувaме квалитетен живот во руралните средини, сите заслужуваме еднакви стандарди

Ја развиваме инфраструктурата како основа за директни инвестиции, конкурентност на економијата и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Имаме јасно поставена рамка преку која ги идентификуваме и приоритетизираме инвестициите во инфраструктурните потреби на нашата земја, а истовремено и го овозможуваме нивното реализирање, изјави Николоска од СДСМ.
„Токму преку инвестициите во инфраструктурата, покажавме дека парите ги враќаме кај граѓаните и ги исправаме грешките на претходните криминални проекти што ги затекнавме по патиштата, а со цел да продолжиме со градење.
Го продолжуваме проектот ‘Македонија без кал’, преку којшто во изминатите три години работевме на изградба на локални патишта низ целата држава со цел подобрување на условите за живот.
Најавуваме преку силна динамика продолжување на проектот за кој обезбедивме 70 милиони евра, пари што ќе бидат оставени на располагање на општините за изградба и реконструкција на локални патишта. Преку оваа програма подготвуваме рехабилитација на преку 450 километри локални патишта и улици, со што ќе овозможиме полесен и побезбеден пристап на граѓаните до болници, училишта, спортски објекти, културни и верски центри и други објекти од јавен и општествен интерес.
Како одговорни луѓе, парите на граѓаните ги насочивме кон нивните вистински потреби. Еден од предусловите за овозможување квалитетен живот на нашите граѓани, пред сè во руралните средини, е продолжување со бројните активности за вистински инвестиции во комуналната инфраструктура“, порача Николоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.
Македонија
Касами: Тетово ќе биде пример за соживот и меѓуетничка хармонија

Во Општина Тетово денеска се одржа седница на Општинскиот совет за превенција, на која беа избрани членовите на Локалниот совет за превенција. На овој состанок присуствуваа претставници од државните институции, верските заедници и други релевантни организации.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, во своето обраќање потенцира дека овој совет е клучен за превенција на појави кои ја загрозуваат општествената кохезија.
„Како град и како мултиетничка и мултиконфесионална држава, имаме обврска да испраќаме обединувачки пораки и да ја зајакнеме културата на соживот. Само на тој начин ќе обезбедиме стабилност и посигурна иднина за нашите граѓани,“ истакна Касами.
Тој додаде дека Општина Тетово, во тесна соработка со полицијата, обвинителството, социјалните центри, училиштата и верските лидери, ќе преземе конкретни чекори за граѓаните да живеат во мир, хармонија и заемна почит.
„Нашиот заеднички ангажман е гаранција дека граѓаните на Тетово ќе се чувствуваат заштитени, почитувани и еднакви, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Само преку соработка можеме да изградиме поправедно и посилно општество,“ нагласи градоначалникот Касами.
Македонија
(Видео) Нов скопски саем во Бутел и голем парк покрај него е првото ветување на скопјани од Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на партијата Левица, преку социјалните мрежи најави изградба на нов скопски саем во северниот дел на градот, во општина Бутел, покрај обиколницата и булеварот Христјан Тодоровски-Карпош.
„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти, кои не успеаја да ги зачуваат и надградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите еднакво – за култура, заеднички активности, образование и за социјализација на скопјани“, вели Мециновиќ.
Проектот предвидува изградба на изложбени хали со површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот објект ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски пол во градот, кој ќе претставува противтежа на сегашната концентрација на економски и културни активности.
Покрај саемот, најавен е и голем парк, кој треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и екопатеки со современа инфраструктура.
„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, рече Мециновиќ.