Македонија
Николоски: Во Крушево ќе се гради спортска сала, ќе ги рехабилитираме патиштата од двата влеза на градот и ќе градиме обиколница
На Крушево му треба развој, туризам и нови проекти. Со идниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Нико Чонески, ќе го развиеме градот, ќе изградиме обиколница, нова спортска сала и ќе ги реконструираме патните правци кои го поврзуваат Крушево, истакна денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на средби со граѓани во Крушево.
„Мене ми е драго што имаме бројни реализирани проекти и проекти во најава. Сакаме да направиме инфраструктурен бум овде во Крушево, со цел Крушево да може економски да се развива. Можам да најавам дека преку ЈП за државни патишта ќе имаме четири големи проекти. Едниот е целосна рехабилитација на регионалниот пат од Кривогаштани до Крушево, вториот е рехабилитација на регионалниот пат кој што оди од Долно Сладуево до Крушево во должина од 20 км, ова е делот од Демир Хисар кога се доаѓа кон Крушево. Третиот е целосно асфалтирање на патот од Пуста Река, село на територија на Крушево до село Цер на општина Кичево. Ова се работи кои ќе ги работи ЈПДП што практично значи дека двата влеза кои ги има градот ќе бидат целосно рехабилитирани за полесно да се доаѓа до градот“, потенцираше Николоски.
Како што додаде Николоски, преку Министерството за транспорт се работи и на локални улици во градот, а следуваат и нови проекти преку поддршката од Владата.
„Тоа се улиците Кочан Миленку и Манчу Матак. Таму проектот завршува, очекуваме следната недела веќе да поставиме хоризонтална и вретикална сигнализација и да го пуштиме во употреба и ова многу ќе значи за жителите кои гравитираат кон тие улици. Од првиот повик тука е реконструкцијата на општинскиот пат од село Врбец до Митрени, како и реконструкцијата на патот во село Јекреново, а од вториот повик со идниот градоначалник ќе реализираме пристапна улица до ски терените во Крушево, што многу ќе помогне за развој на туризмот и подобрување на ски сезоната. Исто така, и обиколница која е многу години ветувана и никој не ја реализирал. Првата фаза е во вредност од 1 милион евра и заедно со идниот градоначалник ќе ја реализираме“, рече Николоски.
Тој најави и изградба на мултифункционална спортска сала со основна намена за подготовки на националните репрезентации во различни спортови, а истакна и дека доаѓаат промените во Крушево.
„Со градоначалникот ќе работиме на други бројни проекти кои следуваат. Јас сум убеден дека ќе имаме голема победа во недела, дека ќе се случат промените во Крушево како што лани се случија на ниво на цела држава и дека ова владеење на СДСМ и ДУИ ќе добие точка и во Крушево и заеднички ќе ја развиваме општината“, потенцираше потпретседателот Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

