Македонија
Николоски: Неставањето на оставката на Филипче на дневен ред е со цел да се заштитат неспособноста и криминалот

И денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја стави на дневен ред одлуката за оставка на министерот за здравство, Венко Филипче, изјави Александар Николоски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во согласност со договорот, Собранието работи само до следниот петок затоа што потоа почнува кампањата за локалните избори и целта е да се премости целиот овој период од 10-ина дена и оставката на Венко Филипче да не се достави до Собранието, а во исто време да не се стави точката за разрешување на Венко Филипче, како што бара ВМРО-ДПМНЕ. Целта е јасна, а тоа е да се заштитат неспособноста и криминалот, што чинат човечки животи“, рече Николоски.
Според него, сосема ирелевантно е чувството на вина и морална одговорност кај Венко Филипче, Зоран Заев, Илир Хасани и кој било друг доколку тоа не се материјализира преку оставките. А уште поголемо понижување на јавноста и на народот, како што вели, е кога се обидува јавноста да се излаже.
„Јавно некој да каже дека поднесува оставка, а потоа да си игра со таа оставка, само покажува за какви морални луѓе се работи. Уставот е многу јасен и вели дека секој министер има право да поднесе оставка и тука завршува затоа што се знае дека кога се поднесува оставка, тоа е завршен чин, не може да се поднесе оставка, па таа да ја повлечете или да не ја прифатите, затоа што некој самостојно одлучил дека веќе не сака да ја врши таа работа. Така што овие игри и овој театар за јавноста, само покажува дека нема чесна намера. Го слушнавме Зоран Заев како вели дека Владата не требала да падне заради пожарот што се случи во Тетово.
Еве јавно оттука прашувам, колку животи треба да се загубат? Колку нерасветлени случаи и несреќи треба да се случат за да почнат оставките за некој да почувствува одговорност и да падне Владата? Одговорите што се бараат се разумни дилеми.
Поважна ли е фотелјата на Венко Филипче или вистината за 14 загубени човечки животи? На кој начин и со какви материјали е градена модуларната болница во Тетово, како и другите болници, кои само поради факторот среќа, не ја доживеаја истата судбина како болницата во Тетово.
Зошто се градат објекти чии материјали немаат никаков атест или сертификат? И клучното прашање на кое до денес немаме одговори е – кој ги правел проектите за модуларните болници, дали е тоа во согласност со законот лиценцирана компанија со А-градежна дозвола или тие биле проектирани незаконски во рамките на Министерството за здравство и таканаречената проектна единица во Министерството за здравство?
Ова се прашања што до денес немаат одговор, како што и нема одговор прашањето кој зел мито за да има подобра, односно основна нега за пациенти? Овде се работи за човечки животи и се работи за одговорност и затоа апелирам до Зоран Заев да не си игра и да преземе одговорност“, праша тој.
Одговорноста ќе дојде на локалните избори, кои се за еден месец, но доблесно е одговорност да се преземе веднаш затоа што никој не гарантира дека со ваков јавашлак, со ваква комбинација на неспособност и корупција, нема да има уште неколку трагедии во следниот период, порача Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.