Македонија
Николоски по потпишувањето на Договорот во Лондон: Започнуваме нова историја за развој

Вицепремиерот Александар Николоски денеска во Лондон во име на Владата го потпиша Договорот Влада со Влада за политичка и економска соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство. Со Договорот на Македонија и се ставаат на располагање 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти.
„Навистина сме почестени што, не само што сме во Лондон и во Министерството за трговија и бизнис, туку и во оваа историска просторија, “Черчиловата соба”. Сметам дека тоа е навистина силен знак и сигнал за нашето партнерство, привилегија е да се биде токму во оваа просторија и да се потпише меѓувладиниот договор токму во оваа просторија“, рече Николоски.
Тој додаде дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледа како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво.
„Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период“, рече Николоски.
Додаде дека веќе има три проекти кои што се подготвени: тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и проектот за образование, за Медицинскиот факултет.
„Она што е уште поважно за нас е дека ќе го искористиме искуството, но и најдобрата експертиза од британската јавна администрација, како и британскиот бизнис сектор, со што нашата администрација и нашиот бизнис сектор ќе дојдат до едно сосема ново ниво“, рече Николоски.
Рече дека со нетрпение го очекува потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство со што, како што кажа, двете земји, ќе воспостават сосема нови односи.
„Ние сме сојузници во НАТО, но овие билатерални договори ќе не одведат на сосема ново ниво од нашата соработка и навистина сум благодарен што сме правата земја што потпишува ваков тип на договор”, изјави вицепремиерот Николоски по потпишувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински: Министерството за локална самоуправа активно се вклучува со конкретни активности за решавање на проблемот со аерозагадувањето

„Чиста животна средина и спречување на аерозагадувањето се обврска на секој поединец, но и на секоја институција. Иако Министерството за локална самоуправа нема директни ингеренции во областа на аерозагадувањето, сепак активно се вклучува со конкретни активности таму каде што има можност. Заштитата на животната средина и природата, како и преземањето на мерки за спречувањето на загадувањето на воздухот се утврдени како надлежности на општините согласно Законот за локална самоуправа. Ова значи дека борбата за чист воздух е заедничка обврска и одговорност на сите нивоа на власт“, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“.
Перински се осврна на Акцискиот план за спроведување на програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2024-2026 година кој предвидува конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.
„Во таа насока Акцискиот план за спроведување на програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2024-2026 година предвидува конкретни мерки за справување со аерозагадувањето, препознавајќи ја сериозноста и влијанието на квалитетот на животот“, подвлече Перински.
„Предвидените мерки опфаќаат подобрување на сообраќајните услови за превозни средства кои не предизвикуваат аерозагадување, зајакната соработка меѓу државата и општините, институционални активности, како унапреден мониторинг, засилен инспекциски надзор и подготовка на локални планови за квалитетен воздух. Спроведувањето на овие мерки бара координиран ангажман од повеќе институции, со што темата добива заслужен приоритет во националните развојни политики“, посочи тој.
Перински истакна дека Министерство за локална самоуправа посредно учествува и во финансирање на активности во областа на животната средина. Тој нагласи дека е потребно да се предлагаат мерки и решенија коишто ќе го подигнат или превенираат проблемот со аерозагадувањето.
Македонија
Филипче: Дали се однапред договорени фирмите блиски до власта кои ќе работат на проектите од заемот

Владата на ВМРО-ДПМНЕ тргна по еден пат кој што не знаеме каде не води, со економски политики кои, како што предупредуваат експертите, не водат во амбис, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот состанок со општинската организација во Желино.
Во обраќањето, Филипче укажа на лошите владини политики во делот на финансиите, потенцирајќи дека новото задолжување од 6 милијарди евра, за кое Владата ги крие деталите, е ризично и драстично ќе го зголеми јавниот долг.
„Не знаеме какви се роковите, колку се каматите, дали се споредил тој кредит и тој извор на средства со некој друг, дали навистина Владата избрала најповолен извор на средства. Зошто шест милијарди евра и толку драстично да се зголеми јавниот долг? Јавниот долг ќе надмине 100% и тогаш нема да имаме фискален простор буквално за ништо“, рече Филипче.
Тој додаде дека со новото планирано задолжување, практично се задолжуваат сите следни генерации.
Филипче изрази сомнеж за транспарентноста на ова задолжување, осврнувајќи се на изјавите на министерката за финансии: „Министерката вели дека Законот за јавни набавки ќе важи, ние проверивме и нема да важи. Што значи, се поставува прашањето дали е однапред договорено кои фирми ќе го работат тоа?“, праша Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека досегашната реализација на капиталните проекти е поразителна, што укажува на тоа дека Владата нема капацитет да ги искористи парите од централниот Буџет и да ги реализира планираните капитални инвестиции.
„Веќе е средина на годината, а не е ни 30% реализацијата на капиталните проекти. Единствено нешто на што се работи е Гостивар – Букојчани, делот од автопатот на Бехтел и Енка, кој ВМРО-ДПМНЕ го напаѓаше дека е најкоруптивен, но еве продолжува да се работи. Се поставува прашањето: има ли Владата капацитет? Во нашиот буџет има милијарда и 200 милиони евра за проекти кои не се остваруваат, не се реализираат. А што ќе правиме со други шест милијарди евра? Џабе ќе стојат, само камати ќе плаќаме, нема капацитет за реализација“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Да лицитираше Бујар со откажување од криминалот на ДУИ како што лицитира со македонскиот идентитет, државата ќе беше веќе во ЕУ, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Што има против Бујар Османи од сојузништвата со Америка и Британија, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Никој не се откажува од ЕУ патот, ниту бара алтернативи, само ги зајакнува дипломатските врски со држави значајни за нас. Истовремено Бујар Османи е најмалку повикан да говори на оваа тема откако како негово наследство имаме продадени интереси и идентитет на Македонците и пар фризерки испратени во дипломатија заедно со распадната и крајно партизирана мрежа во која дипломатијата е туризам и печалбарство, а не работа во функција на државата“.
ДУИ, според владејачката партија, мора да се соочи со реалноста. И конечно, како што велат, да сфати дека продавањето на македонските интереси со прифаќањето на францускиот предлог нема да се заборави од страна на Македонците и ако сакаат да се искупат за тоа треба да покажат јасна промена на односот кон своите сограѓани и нивно почитување.
„И тука не сакаме да потсетуваме за тендерите за организација на настанот на ОБСЕ што го организираше Бујар, ниту за ред други корупциски афери на неговата партија за кои Бујар измеѓу две глумења на европеец ќе мора да се произнесе. И конечно нема ништо погрешно од ставот на нашата надворешна политика за меѓусебна почит, за взаемна и заедничка иднина во европското семејство со гарантирани права и идентитет за сите. Во меѓувреме, ако Бујар се осети нешто загрозен и вознемирен од сето ова, нека отиде како Рама и нека се насмее со едно селфи, очигледно Рама им делува како апче за смирување. Македонија има јасен став и тоа што Бујар не се согласува со него е првиот сигнал дека е добар за државата.
Да лицитираше Бујар со откажување од криминалот на својата партија како што лицитира со македонскиот идентитет државата ќе беше веќе во ЕУ.
Да слушаше Бујар дека е потребен консензус за францускиот предлог и дека не смее да го прифаќаат како што го слушаше и беше партнер со Артан Груби и останатите, и нем слушател при корупцијата во неговата влада и партија, ние веќе ќе имавме европска држава, а не распадната и корумпирана со систем кој е затруен од таквите како него и дел од неговите сопартијци и поранешни колеги од сите партии и неговата“, нагласуваат во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Очигледно, како што додаваат Бујар и од тоа би се откажал се до откажување од достоинството и на последниот Македонец.