Македонија
Николоски: Со Лабудовиќ како иден градоначалник на Центар ќе најдеме решенија за сите проблеми во Маџир Маало
Кандидатот за градоначалник на општина Центар од Движењето ЗНАМ поддржан од ВМРО-ДПМНЕ Мирослав Лабудовиќ и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска остварија средба со жителите на Маџир Маало, на кој им ветија дека ќе направат се за набргу да им ги обезбедат сите неопходни услови за живот и развој во 21 век. Со вицепремиерот и министер имаме заедничка согласност дека оваа брутална бетонизација што му се случува на Центар треба да запре час поскоро. А, првиот чекор е носење и ревизија на сите урбанистички планови. Што ќе се прави со континуирана соработка на локалната со централната власт.
„Имаме заеднички став дека новиот детален урбанистички план за Маџир Маало, ќе биде квалитетен, за модерен развој на овој дел од Скопје и, се разбира, исклучиво во интерес на граѓаните. Со нив ќе се консултираме како сакаат, каква потреба имаат тие за овој дел од нашата општина. Дополнително планираме изградба на нова градинка на овој потег, како и модернизација на улиците кои долго време не се санирани“, рече Лабудовиќ, нагласувајќи дека соработката што ќе ја имаат и со Минстерството за транспорт и врски и со Град Скопје ќе биде исклучиво во штитење на јавниот интерес.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски пак, посочи дека е жално во 21 век луѓето да живеат во субстандардни услови во срцето на Скопје.
„И овде на дело може да видите како изгледа урбанистичкиот хаос и создавање на урбанизам во интерес само на поединци. Затоа што, поединци кои се блиски до актуелното раководство на општина Центар не може овде да си го најдат личниот финансиски интерес или да најдат бизнис и токму затоа луѓето живеат во сосотјба која не личи на 21 век – со уништени улици, без соодветен водовод и канализација и со нерешени имотни прашања. И, ова на најдобар начин покажува како се уништува општината и зошто се неопходни промени во Центар“, потенцираше Николоски.
Вицепремиерот Николоски верува дека заедно со Лабудовиќ, кого го нарече иден градоначалник на Центар, ќе работат на изнаоѓање решенија за сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат маџлирмаалци. За, конечно тие да дојдат до пристојни услови за живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини
По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце, со реакција во јавноста се огласи и Јане Ченто.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома“, објави тој на социјалните мрежи.
„Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме.
И да, ми се гади од лицемерието.
Толку“, пишува тој.
Македонија
Левица за куќниот притвор за Груби: Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост
Политичката партија Левица реагира на одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“.
Според партијата, лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, што според нив претставува „најсилен можен доказ за ризик од бегство“, добило поблага мерка наместо засилување на притворот.
„Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Оттаму посочуваат дека јавноста добила две различни објаснувања во краток временски период. Првично било соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како и за секој друг притвореник, а потоа обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, вклучително и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.
Одговорноста за ваквата одлука, според Левица, е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која велат дека важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител.
Партијата потсетува дека Тополова-Исајловска во минатото барала пад на предметот „ТАЛИР“, кој се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, според нив, нејзините политички релации не биле пречка за нејзиното позиционирање.
Во соопштението се споменува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, за кого Левица наведува дека со преквалификација во завршна фаза овозможил застарување на случајот со малата Тамара.
„Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, наведуваат од Левица.
Партијата оценува дека наместо еднакви стандарди, се гледа „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.

