Македонија
Николоски тврди: најмалку пет земји од ЕУ сметаат дека Македонија не заслужува да почне преговори поради корупција

Темата која што се отвора е нешто што според мене е број еден проблем на Македонија, далеку над сите други проблеми, и проблем кој што директно го поврзувам со поткопување на националните интереси и негирањето на самобитноста на македонскиот народ. Затоа што високот ниво на криминал и корупција создава корумпирани политичките елити пред се во лицето на двете политички партии кои што ја водат владата, кои што обременети со потребата секој ден или секој втор ден да направат нов скандал на начин на кој што ќе ја испокрадат сопствената држава директно удираат во темелите на државата, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник на денешната дебата во Струга, насловена „Борба со криминал и корупција, темелна европска вредност“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Потпретседателот на партијата Николоски истакна дека поради високиот степен на криминал и корупција, 5 големи земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија не заслужува ниту почеток за преговори за членство со ЕУ.
„Доколку Македонија беше според перцепција за корупција во првите 30 во Светот, а во првите 100 како што е во моментот, верувајте многу поразлично ќе изгледаше проблемот со нашиот сосед Бугарија. Затоа што во моментот најмалку 5 земји членки на ЕУ, не мислам на Германија, но мислам на останатите мислат дека Македонија не заслужува ниту почеток за преговори за членство со ЕУ, пред се заради високо ниво на криминал и корупција, и затоа не се врши притисок врз Бугарија. Нема притисок, затоа што мислат дека државата не е спремна“, рече тој.
Николоски потенцираше ако претходно се зборувало само за висока корупција сега во владеење на СДСМ и ДУИ, корупцијата ја има од најниско до највисоко ниво од шалтерски работник па се до премиер, укажувајќи дека ако побарано се иселувале од Македонија заради економски причини, сега тоа се прави затоа што нема ред и поредок во државата.
„Ако во некои минати времиња се зборуваше за високо ниво на корупција, сега корупцијата ја имате од најниско до највисоко, од шалтерски службеник до премиер, комплетен систем на корупција, кој за жал ја јаде Македонија и прави многумина да се иселат од државата. Затоа што ако во минатото се иселувале од економски причини, сега многумина се иселуваат бегаат затоа што нема ред“, кажа Николоски.
Николоски нагласи дека корупциските скандали на владата на СДСМ и ДУИ, почнале уште со формирањето на истата, а тој бил првиот кој што го објавил криминалниот скандал на тогашниот генерален секретар на владата Драги Рашковски за набавка на радар за контрола на летање од италијанската фирма Леонардо тежок 1 милион евра.
Николоски наброј некои од криминалните скандали, како што рече, поврзани со влада на СДСМ и ДУИ, и порача дека со промена на владата и ослободување на институциите, ќе се истражат сите криминали и одговорност за истите ќе има.
„Дали да зборуваме за бизнис шемите на Вице Заев и неговите партнери во РЕК Битола, дали да зборуваме за фирмите на Зоран Заев во Петрич, Бугарија, дали да зборуваме за фабриките за марихуана, дали да зборуваме во текот на пандемијата со корона кога ги изгубија животите, а други се бореа за живот што се договараше исто една афера за набавка на вакцини по далеку повисока цена од фирма која што е регистрирана за јужно овошје, или да зборуваме за фирмите на Крмзов кој ги извадив на почетокот на изборната кампања во 2020 година кои што во услови на корона и намалена економска активност за 4 месеци имаа поврат на ДДВ од 6милиони евра, што значи дека требаше да имаат залихи од 25 милиони евра“, додаде тој.
„Причина зошто ги враќам сите овие афери, затоа што кај дел во јавноста постои впечаток дека ние ова сме го заборавиле или дека останало позади нас. Но, ништо од ова не е заборавено. За сето ова водиме јасна евиденција и сето ова ќе е обврска за работа на ослободените институции по формирање на нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, мислам тука и на МВР, на обвинителството, на финансиската полиција, УЈП, Царинската управа, и сите останати ќе го истражат ова едно до едно“, порача Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.