Македонија
Новата шведска амбасадорка порача дека е видлива позитивната трансформација на земјава
Премиерот Зоран Заев се сретна со Кристин Форшгрен Бенгтсон, новата шведска амбасадорка во државава.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата било заеднички констатирано дека Шведска е голем и искрен пријател кои ги поддржува евроинтеграциските аспирации на Северна Македонија и дека пријателството продолжува да се развива низ меѓусебната соработка на двете држави.
„Кралството Шведска е важен партнер на нашата држава во сите важни процеси и пример на држава кон каква што се стремиме да ја развиеме Република Северна Македонија. Работиме на развојот на капацитетите на институциите, на нивната транспарентност и одговорност. Посебно сме фокусирани на независноста на правосудството. Се надеваме дека низ политиките на дијалог и консензус со опозицијата, со коишто ги направивме потребните реформи, ќе најдеме решение и за Законот за јавно обвинителство, бидејќи граѓаните очекуваат одговорно однесување. Придобивките од реформите, од изградбата едно општество за сите, од затворањето на билатералните прашања со соседите, од очекуваното заокружување на интеграциите во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ се предвидливост на економијата и економски развој. Првите резултати веќе ги имаме со растот на сите параметри во економијата, растот на БДП, растот на платите, нови инвестиции, намалување на невработеноста. Нашата држава верува во европските вредности значајни за граѓаните, како што верува и Шведска“, изјавил Заев на средбата заблагодарувајќи се за континуираната и принципиелна поддршка.
На состанокот со новата шведска амбасадорка посебно беше нагласена видливата трансформација на нашата држава и развојот, како во поглед на демократијата и реформите на домашен план, така и на меѓународен план, се наведува во извештајот за средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

