Македонија
Нова веб платформа на ЈП ПОЦ, од денес сите услуги онлајн

Денеска ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ја пушта во употреба новата веб платформа со која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и по електронски пат. Следејќи ги глобалните технолошки трендови, а во насока на подобрување на достапноста и олеснување на користењето на паркиралиштата кои се под ингеренции на Општина Центар, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ целосно се дигитализира, овозможувајќи им на корисниците брзо, лесно и едноставно користење на нивните услуги.
„ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ е првото јавно претпријатие во земјата, воопшто, кое целосно се дигитализира. Отсега граѓаните нема повеќе да мораат да доаѓаат во просториите на претпријатието бидејќи сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од кој било уред, на кое било место и во секое време. Дополнително, на новата веб платформа преку чат, граѓаните ќе можат да бидат во постојана, 24-часовна, комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања и сл. И секако, она што е особено важно да истакнам е дека новата веб страница поседува вградена заштита од неавторизиран пристап кон податоците од посебен интерес, што значи, ги задоволува највисоките стандарди за заштита на податоците на нашите корисници“,изјави Васко Кичевски, Директор на „ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Веќе од денеска, сите корисници по креирање на личен профил на веб страницата на ЈП ПОЦ ќе можат по електронски пат да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронска наплата за истите и да изберат како опција договорот и/или картичката, во промотивниот период, бесплатно да им бидат испорачани на домашна адреса. Регистрираните корисници ќе добиваат смс и е-маил нотификации како потсетник за истекување на корисничкиот договор, 30, 15 и 1 ден пред истекот на договорот.
Во низата е-услуги преку новата веб платформа, корисниците ќе можат да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и наплата на истите преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман.
„Пред сé би сакал да изразам задоволство од резулататите од истражувањето на јавното мислење за работењето на ЈП ПОЦ на која повеќе од 60% позитивно ја оценија работата на претпријатието. Тоа за нас е доказ дека сме на вистинскиот пат и мотивација повеќе да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните. Допполнително, ме радува фактот што високи 75% од испитаниците изразија задоволство од претстојната дигитализација на услугите, што покажува дека граѓаните ги препознаваат придобивките од истата и позитивно ги оценуваат нашите заложби за воведување новини во работењето. Со дигитализацијата на услугите на ЈП ПОЦ сакаме да покажеме дека сме подготвени да одговориме на предизвиците на новото време, да го следиме трендот на дигиталната ера и на граѓаните да им понудиме платформа за брз и едноставен пристап до сите услуги кои ги нуди претпријатието“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Сите рекламации и потребни информации граѓаните ќе можат да ги адресираат преку електронска форма или директно преку веб страната до повикувачкиот центар. Доколку се согласни, сите регистрирани корисници ќе можат да ја изберат опцијата да добиваат известувања во форма на неделен е-маил билтен и на тој начин да се информираат за работата, активностите и новините кои ги нуди претпријатието.
Новата веб страница на ЈП ПОЦ е изградена на напредна платформа за ваков тип на интерактивни и динамични веб страници со прилагодлив дизајн, соодветен за различни уреди – лаптопи, мобилни телефони, таблети. Системот овозможува додавање на неограничен број на корисници и повеќе кориснички пристапи во исто време. Дополнително, преку својот едноставен интерфејс веб страницата нуди брз и едноставен пристап до сите информации од интерес за корисниците: мапа на паркиралишта, зони за паркирање, поединечни услуги и пакети, пајак служба, грижа за корисници и низа други услуги.
Во наредниот период, под слоганот „ПОЦ онлајн – сите услуги со еден клик“, на своите ФБ и Инстаграм страници, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ќе ги промовира придобивките од новата веб платформа, а со цел подобра информираност на граѓаните, испечатени се и фалери и постери со сите важни информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.