Македонија
Нова постапка против „1ТВ“ бидејќи мајката на Боки 13 доби државна функција
Агенцијатa за медиуми ќе поведе постапка против „1ТВ“ бидејќи беше обелоденето дека мајката на Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, добила државна функција како член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. Јасминка Јовановска на оваа позиција беше назначена во петокот со гласање на седница на Собранието. Медиумите пренесоа дека препораката за Јовановска дошла лично од Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието.
Според член 38 од Законот за аудио и аудиовизуелните медиуми, „политички партии, државни органи, јавни претпријатија, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не може да вршат радиодифузна дејност, ниту да бидат основачи, соосновачи или да добиваат учество во сопственоста на радиодифузерите“.
Во случајот сопственик на телевизијата „1ТВ“, според податоците од Централниот регистар, е фирмата „БМЈ медија груп“, а директор е Јасна Мандиќ. Сопственици на „БМЈ медија груп“ се Јасна Мандиќ и таткото на Боки 13, Миле Јовановски. Во овој случај или Јовановски како сопруг на Јасминка Јовановска треба да се откаже од сопствеништвото во телевизијата или таа да се откаже од јавната функција.
Вакви случаи веќе беа познати во јавноста со „Сител“ и со „Канал 5“ кога Горан Ивановски (син на Љубисав Иванов – Ѕинго) и Емил Стојменов (чиј татко Борис Стојменов беше носител на јавна функција) мораа да го сменат сопствеништвото во телевизиите.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиуми и претходно поведе постапка против „1ТВ“ бидејќи Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, на јавните настапи се претставува како сопственик на телевизијата иако формално-правно не е, но оваа постапка не беше изгласана од страна на Советот.
Постапката против „1ТВ“ ќе се отвори на седница на Советот на Агенцијата за медиуми в петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вежбата „Блесок 26“ ќе се изведува на повеќе локации во државата
По повод отпочнувањето на активностите за вежбата „БЛЕСОК 26“ (Б-26), која ќе се изведува на повеќе локации во државата во периодот од 19 до 27 април 2026 година, денес во Генералштабот на Армијата се одржа брифинг за претставниците на медиумите.
На брифингот присуствуваа: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции (КО) бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, директорот на вежбата полковник Игор Арсовски, портпаролот на ГШ на Армијата и дел од клучниот персонал од ГШ на Армијата и КО, кој е вклучен во процесот на планирање и подготовка на вежбата.
Началникот на Генералштабот истакна дека оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), кое ќе се реализира во рамките на оваа вежба, претставува кулминација на долгогодишната подготовка на најголемиот и најважниот НАТО капацитет – ЛПБГ, кој го развиваме уште пред зачленувањето на нашата држава во НАТО.
Од страна на полковникот Арсовски беа презентирани најважните информации за видот, целите, активностите и учесниците на вежбата, како и можностите за медиумско презентирање на активностите во текот на изведувањето на вежбата.
Вежбата „БЛЕСОК 26“ претставува продолжение на серијалот вежби „Македонски Блесок“ и е значаен сегмент во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), единица која е дел од пакетот на НАТО цели на способности. Главна цел на вежбата е оценување на нивото на борбената подготвеност на ЛПБГ, како НАТО цел на способност.
На истата ќе учествуваат околу 1500 припадници од Армијата на Република Северна Македонија, НАТО монитори и тим набљудувачи од Мултинационалните копнени сили (Multinational Land Forces – MLF).
Македонија
Ѓорѓиевски демонстрира недозволиво ниво на ароганција и неодговорност, сега ги обвинува вработените во „ЈСП Скопје“ дека со своите тужби го „блокираат“ претпријатието, велат од Левица
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, демонстрира недозволиво ниво на ароганција и неодговорност, сега обвинувајќи ги вработените во ЈСП Скопје дека со своите тужби го ʼблокираатʼ претпријатието, реагираат од Левица.
Со тоа, додаваат од оваа партија, Ѓорѓиевски не само што ги дискредитира работниците кои се принудени по судски пат да ги бараат своите загарантирани права, туку директно ја префрла вината за катастрофалната состојба во ЈСП врз оние што се најмалку одговорни за неа.
Ваквиот пристап, оценуваат од Левица, претставува опасен обид да се криминализира легитимното барање на работнички права и да се наметне наратив во кој жртвата се претставува како виновник.
„Наместо јавно извинување за состојбата во која се доведени вработените, градоначалникот избра јавно да ги прозива и да ги изложува на нетрпеливост, создавајќи атмосфера на притисок и стигматизација.
Дали според Ѓорѓиевски работниците треба да молчат, трпат и да се откажат од своите права за да не ѝ пречат на неспособноста на раководството?
Овој однос јасно ја разоткрива перцепцијата на функционерите од ДПМНЕ – дека работниците не се носители на права, туку пречка што треба да се замолчи кога бара правда.
Дополнително, оваа реторика претставува очигледен дефокус од клучниот неуспех – четири години блокирање на Советот од страна на ДПМНЕ, што директно придонесе за тоа Скопје и денес да нема нови автобуси и да функционира со деградиран јавен превоз. Наместо одговори за ветените инвестиции, за нефункционалниот систем и за секојдневниот колапс, јавноста добива обиди за префрлање вина кон опозицијата, а сега и кон самите работници“.
Според Левица, особено интересен е фактот што ваквите напади доаѓаат во момент кога се отвораат прашања за скандалозни и штетни договори во ЈСП, вклучително и оној на Игор Јанушев со „Маратон“ и приватни агенции за привремени вработувања, кои, како што велат, генерираат милионски загуби за претпријатието.
„Наместо транспарентност и одговорност за овие практики, сведочиме на агресивна комуникација и обид за замолчување на секој што укажува на проблемите.
Работниците во ЈСП не се непријатели, ниту виновници, тие се луѓе што го одржуваат системот во живот и кои, со право, бараат заштита на своите права. Нападите врз нив не се само политички некоректни, туку и морално недозволиви.
Обидите за префрлање вина нема да поминат. Одговорноста за состојбата во ЈСП е кај оние што управуваат, а не кај оние што ја плаќаат цената на тоа управување“.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС и Филипче наместо да ликуваат на резултати од избори во други држави, нека си се посветат на партијата која е распадната на парчиња
СДС и Филипче наместо да ликуваат на резултати од избори во други држави, нека си се посветат на партијата која е распадната на парчиња, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС којашто некогаш беше релевантна и кредибилна, Филипче ја доведе во комбинација со Заев, да тоне се повеќе и повеќе во жива кал и да нема како да излезе од неа.
СДС којашто треба да биде главна опозиција и коректив на власта, се занимава со се, само со себе не. Се занимаваат со избори во други држави, а не си ги гледаат своите редови кои им се рушат се повеќе како кула од карти.
СДС ликува на победа на партија која е член на Европската народна партија или попозната како ЕПП, партијата Тиса, каде што е член и ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна пак, сестринската партија на СДС и член на Партијата на Европски Социјалисти од Унгарија освои 1,18% од гласовите. Тоа е нешто слично со рејтингот кој СДС го има во Македонија, и е многу близок до рејтингот на Филипче“.
Според него, СДС и Филипче прават се, само не си го гледаат сопствениот двор. Наместо да се дистанцираат од политиките на аболицираниот криминалец Зоран Заев кои ги доведоа до ова дереџе, додава Петрушевски, тие продолжуваат по неговите стапки и го величаат како да е најголем светец.
Оценува дека доколку СДС продолжи да се однесува вака, им се заканува бришење од политичката сцена.
„Воедно, ВМРО-ДПМНЕ ја честита победата на партијата Тиса и господинот Петер Маѓар, со кои очекуваме да ја продолжиме нашата билатерална соработка и на државно ниво да работиме на нашата интеграција во ЕУ“.
