Македонија
Нова процедура за третман на заболување на хранопроводот на Клиниката за гастроентерохепатологија

На Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија денес првпат беа изведени три интервенции на радиофреквентна аблација кај пациенти што страдаат од Баретов езофагус. Ова заболување се карактеризира со измена на нормалната лигавица во долната третина на хранопроводот, која доколку соодветно не се третира, може во одреден процент да доведе до карцином на хранопроводот. Со радиофреквентна аблација, која е ендоскопска техника, променетото ткиво се изложува на топлинска енергија, со што тоа се уништува.
Проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, директор на Клиниката за гастроентерохепатологија, објасни дека воведувањето на новата метода носи големи придобивки за пациентите, како и заштеда за јавното здравство.
„Од сега пациентите ќе може да ги третираме во нашата земја, што за нив значи помали трошоци и побрзо добивање на потребната здравствена услуга, а за здравствениот систем е значајна заштеда затоа што една ваква интервенција во странство чини и до 15.000 евра од интервенција, а во некои случаи е потребно и повторување на интервенцијата. Значајно за Клиниката за гастроентерохепатологија е и тоа што има можност да стане регионален центар за овие интервенции, што може да даде значаен инпут во нејзината финансиска кондиција и можностите за понатамошен развој и унапредување на портфолиото на здравствените услуги“, истакна Гривчева-Старделова.
Постапката се изведува во амбулантски услови од страна на гастроентеролог, а пациентот е под анестезија. Интервенциите денес ги направи светски познатиот гастроентерохепатолог д-р Иво Бошкоски, кој по потекло е од нашата држава, а работи на Католичкиот универзитет, во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим, во соработка со лекари од Клиниката за гастроентерохепатологија,.
„При изведување на оваа процедура се користи електрода монтирана на ендоскоп за да се испорача топлинска енергија директно до променетото ткиво на хранопроводот. Гастроентерологот избира соодветна електрода за процедурата, што зависи од должината и количината на Баретовиот хранопровод. Овој процес обично трае 10-ина минути и резултира со аблација на ткивото. Во период од шест до осум недели ткивото што е третирано се заменува со нормална слузница“, истакна д-р Бошкоски.
Баретов хранопровод настанува како компликација од долготрајна повторувачка гастроезофагеалена рефлуксна болест, односно оштетување на хранопроводот предизвикана од враќање на киселината од желудникот во хранопроводот. Со цел унапредување на третманот на оваа состојба, на Клиниката за гастроентерохепатологија се воведува и уште една метода за мерење pH во хранопроводот и неговото движење, со што може да се обезбедат точни информации за присуство на рефлуксната болест. Континуираната 24-часовна pH-метрија е стандарден метод во гастроентерологијата, кој овозможува директно и квантитативно мониторирање на киселинскиот рефлукс и дава показатели за одредување на соодветниот начин на третман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.