Македонија
Нова тактика за блокада на „ТНТ”, адвокатот со нови барања до судот
Адвокатот на обвинетата Елизабета Најдовска, во предметот „ТНТ”, Мерџан Даути, кој побара превод на сите списи на албански јазик, утрово на албански јазик од судот побара советот да ги земе предвид неговите три барања, меѓу кои едно од нив се однесува за истекот на мандатот на две од поротничките кои наполниле 60 години, истото барање кое го изнесе и обвинетиот Илија Димовски во предметот „Талир”.
Мерџан Даути беше пријавен во Адвокатската комора за овој случај дека сака да го блокира судењето со барањата за превод. Тој во судот рече дека за возраста на поротничките кои според Законот за судови не треба да бидат дел од судечкиот совет поради истек на мандатот, го известил и претсесателот на судот, Иван Џолев, и Судскиот совет.
Адвокатот рече дека и натаму бара да му бидат доставени сите списи на албански јазик: „Барам од судот формално-правна одлука за употребата на албанскиот јазик и записникот од претходното рочиште на албански јазик”.
Даути побара вештакот кој го ангажирало СЈО, Павле Гацов, да ги донесе сите документи со кои го изготвил вештачењето, бидејќи, како што рече, тоа било само негово мислење.
Судијата Огнен Ставрев не му ги прифати барањата и рече дека тоа се апсолвирани прашања, а обвинителот Бурим Рустеми кажа дека обвинетите во секое време имале можност да извршат увид во вештачењето и да назначат технички советник и да нарачат нивно вештачење.
„За работа сум тука. Ова е преседан. Јас многу добро знам дека кога завршува истражната постапка, одбраната има можност за увид. Додека имаме тука сведок лице и вештак, неопходно е да се задолжи сведокот да ги достави сите мислења и документи. Овој вешт наод е празен. Ова е само мислење…”, говореше потоа Даути на македонски јазик.
Адвокатот Даути го замени Димитар Дангов, откако го откажа полномоштвото.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на тогашниот политички противник Фијат Цаноски. СЈО тврди дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе барааат отштета.
Обвинети се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, ексградоначалникот Тони Трајковски, како и Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева. Предметот е во доказна постапка и преостанаа уште двајца сведоци и сослушување на обвинетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

